Фото: Радио Кочани / скриншот

Општина Кочани ќе им ја плаќа на социјално загрозените семејства дел од потрошената струја

Семејствата во социјален ризик кои живеат во објектот на Старата касарна во Кочани ќе имаат по 100 киловат-часови електрична енергија месечно што ќе им бидат платени од општинскиот буџет. Потрошената количина над овој износ ќе мора сами да ја плаќаат или ќе бидат исклучени од електричната мрежа.

Одлуката за покривање на дел од трошоците за струја на 18 семејства едногласно ја донесе Советот на Општина Кочани на денешната седница, по предлог на советникот Аки Акиов. Притоа, беше заклучено одлуката да важи до трајно решавање на проблемот со домувањето на овие граѓани, кои главно се со ромска етничка припадност.

„Општината формираше комисија која направи попис на граѓаните кои живеат во Старата касарна, при што е утврдено дека се сместени околу 90 лица, од кои најголем број се малолетници. Со одлуката што ја донесе Советот, најдоцна до утре тие повторно ќе бидат приклучени на електричната мрежа. Одлуката за покривање на дел од трошоците за струја за нив од Буџетот на Општината ќе важи сѐ до вселувањето во таканаречените типски куќички, а што треба да почнат да се градат оваа пролет“, истакна советникот Акиов.

Семејствата во Старата касарна, што се наоѓа во централното подрачје на Кочани, живеат во супстандардни услови над две децении, а покрај електричната енергија, основен проблем им е снабдувањето со вода за пиење и недостигот од канализациски одвод.

Пред неколку години од државниот буџет беа обезбедени средства за изградба на објекти за нивно сместување на друга локација, но по реакција на месното население проектот беше запрен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот