Опозицијата го мерка октомври за предвремени избори

Во Карпош најмасовна излезност од скопските општини до 11 часот / Фото: МИА

Ако власта одбие избори, ќе следува масовен активизам и надградување на активната блокада на Собранието, најавува ВМРО-ДПМНЕ. Според опозицијата, најдобар можен термин за одржување на изборите е оваа есен.

Опозицијата се обединува за тајмингот за предвремени парламентарни избори и ќе притиска наесен граѓаните да се изјаснат за промена на власта. И додека ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери за утре вечер најавија голем протест за уривање на Владата на Димитар Ковачевски, со цел последниот удар да ѝ го зададат со избори наесен, опозициските партии на Албанците калкулираат со октомври како најоптимален за предвремени избори, а допрва ќе кројат стратегии како да дојдат до предвремено гласање.

Главната порака на протестот ќе ја упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Протестот ќе почне со интонирање на државната химна од Игор Дурловски, пред обраќањето на Мицкоски, кој, според планот, треба да биде единствен говорник, ќе има изведба на музичка нумера, а дел од програмата ќе биде и актерот Зоран Љутков.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека по протестот, наредните чекори ќе бидат во насока на уривање на власта преку демократски средства и улица. Според опозициската партија, ако власта одбие избори, ќе следува масовен активизам и надградување на активната блокада на Собранието. За ВМРО-ДПМНЕ најдобар можен термин за одржување на изборите е оваа есен.

Потпретседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за весникот „Лајм“ изјави дека не очекува Бугарија да го укинe ветото за Македонија на јунската средба на врвот на ЕУ и дека во таков случај, опозициските партии ќе бараат предвремени парламентарни избори во октомври.

– Имајќи ги предвид сите можности и информации што ги добиваме од Брисел, многу е мала веројатност да биде кренато бугарското вето. Ова автоматски значи дека нема почнување на преговорите со ЕУ. Нам, како на опозиција, не ни преостанува ништо друго, освен да бараме предвремени избори. Кај сите опозициски партии, и македонските и албанските, гледам дека има расположение да се одржат избори кон средината или кон крајот на октомври. Гледам дека има одредено несогласување и незадоволство и внатре и во позицијата, кај партиите што се дел од власта. Ние комуницираме со партиите што се дел од власта, не со ДУИ и СДСМ, и гледаме расположение и стремеж кај некои пратеници што ги претставуваат помалите партии, да си заминат. Но, ќе видиме како ќе се одвива тоа. Врз основа на ова, партиските органи во Алијансата за Албанците ќе ги донесе своите одлуки и ќе ги објави во јавноста пред сите граѓани на Македонија – вели Таравари.

И од опозициската Беса за „Слободен печат“ велат дека се залагаат за  предвремени парламентарни избори.

– Нашиот став е дека избори треба да има поради изгубениот легитимитет на Владата, но и поради катастрофалните политики во време на ваква економска криза. За начинот на кој ќе испровоцираме предвремени парламентарни избори, ќе одлучат органите на партијата, а секако дека протестите се една од опциите – велат од Беса.

Премиерот Димитар Ковачевски ја потврди информацијата на „Слободен печат“ дека еден ден по протестот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе има средба на владините партнери на која ќе се реафирмира ставот за одржување редовни избори во 2024 година, заедно со претседателските. Премиерот вели дека на средбата ќе направат рекапитулација на чекорите преземени за справување со кризата.

– Ќе информираме за мерките што ќе бидат преземени, а се вцртани во ребалансот, ќе направиме и осврт на енергетската криза, кризата со растечките цени на светските берзи во однос на храната, на енергенсите предизвикани од нападот на Русија врз Украина – вели Ковачевски.

Премиерот оцени дека средбата ќе биде позитивна и дека граѓаните ќе се уверат дека има владејачко мнозинство и Влада што се грижи за животниот стандард на граѓаните.

– Тоа е различно од тоа што го прави опозицијата, бидејќи таму единствено гледаме деструкција и блокирање. И уште пострашно, во опозицијата има политички партии што се отворено против нашето членство во ЕУ и НАТО и кои отворено одат по состаноци во Москва во време кога цела Европа, заедно со САД, се бори за зачувување на демократијата во сите држави што се дел од ЕУ, кандидати за ЕУ и оние што сакаат да станат членки на ЕУ – рече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот