Фото: МИА

Опозицијата бара Јовески да ја повлече кандидатурата за уставен судија, тој вели дека го напаѓаат некомпетентни луѓе

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ директно побара јавниот обвинител Љубомир Јовески да се повлече од кандидатурата за нов уставен судија, Јовески пак, возврати дека кандидатурата дошла од луѓе кои ја вреднуваат неговата работа и дека го напаѓаат некомпетентни луѓе што немаат надлежност ниту да ја проценуваат неговата работа, ниту се упатени во неговата работа. Барањето Јовески сам да ја повлече кандидатурата за уставен судија го упати  пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова на комисиската расправа за Годишниот извештај за работата на Советот на јавните обвинители за 2021 година.

– Една од причините за губење на довербата на граѓаните во судството и обвинителството е вашето кандидирање за уставен судија. Гледајќи ја вашата биографија, јас би рекла дека да сум на ваше место во моментот би ја повлекла кандидатурата за уставен судија и на тој начин би покажала со личен пример дека подобрувањето на довербата со правосудството и во обвинителството може да почне од денеска – рече Панова.

Таа истакна дека за неа е поразително тоа што за извештај ниту можат да реагираат, ниту да преземат апсолутно ништо.

– Од 33 кривични дела поврзани со корупција наведени во извештајот, Обвинителството дава податоци само за три. Никаде не се споменуваат другите како што се несовесно работење во службата, измама во службата итн. Дали некој во Обвинителството воопшто истражува или едноставно ја разгледува работата на обвинителите? Во Република Македонија, впечатокот за работата на обвинителството и судството го креираат неколку предмети. Никој не кажува дека обвинителството не постапува навремено за сообраќајни незгоди, за одредени кражби, одредени предмети кои што се сработени од страна на Министерството за внатрешни работи, меѓутоа веќе и сме виделе дека во земјава изразот дека одговараат луѓето за украдени ќебапчиња, а големите функционери апсолутно никој не ги чепка – рече таа.

Панова рече дека колку и да вложуваме во Академија за судии и јавни обвинители, колку и да вложуваме во кадри, доколку ги научиме дека сервилноста кон политиката е нешто нормално коешто треба да го прават сите обвинители и судии, ќе нема подобрување.

Јовески одговарајќи и на Панова за повлекување на кандидатурата за уставен судија, рече тој не се кандидирал самиот, туку дека бил кандидаиран од луѓе што ја вреднувале неговата досегашна работа.

– Велите да се повлечам од кандидатурата за уставен судија. Јас ви благодарам на советот, но јас воопшто не се кандидирав за уставен судија. За разлика од вас, имаше луѓе кои што ја вреднуваа мојата досегашна работа и кои што сметаат дека јас можам успешно да ја извршувам таа функција . И првата моја изјава беше „ако некој ми укаже таква доверба, јас ќе ја прифатам, а не дека јас барам“. Напади за мене доаѓаат од некомпетентни луѓе, од луѓе што немаат надлежност ниту да ја проценуваат мојата работа, ниту се упатени во мојата работа. За мојата работа можат да зборуваат моите колеги кои што знаат како работам, што работам, дали јас се мешам во работата, дали работам спротивно на закон или не – рече Јовески.

Јавниот обвинител потенцира дека е горд на неговото минато, на неговата професија и на она што и го дал на професијата и посочи дека ако таа не ги гледа неговите успеси, тоа е прашање на пратеничката Панова.

– Јас не сум на трон, јас не владеам во Обвинителството. Јас сум јавен обвинител на Република Северна Македонија и моја надлежност е да раководам со Јавното обвинителство и при тоа без разлика како вие го гледате, длабоко сум уверен дека во овој период тоа успешно го остварувам. Можеби вас ве погодува токму тоа што Обвинителството работи. Нема никаква борба помеѓу мене и Рускоска. Има борба за владеење на правото, за правичноста, за обезбедувањето на доказите, за секој да го знае своето место во рамки на Законот за кривична постапка. Мислам дека во тој дел Обвинителството доволно беше транспарентно и објави во кој дел и за што беше извршен надзор во работењето и зошто е суспендирана обвинителката Рускоска. Воопшто не станува збор дека причината за нејзината суспензија е само заради предмети што биле отворени за моќни функционери – рече Јовески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот