ОМО „Илинден“-Пирин сака да отвори културен центар „Никола Вапцаров“ во Благоевград, бара поддршка од македонската влада

Благоевград / Фото: Nikolai Karaneschev/Wikimedia

„Инспирирани од најавата на премиерот Димитар Ковачевски дека ќе се отворат клуб и културен центар на Македонците во Благоевград, веднаш започнавме со подготовки за реализација на оваа извонредна намера“, соопшти денеска организацијата на Македонците од Бугарија, ОМО „Илинден“ – Пирин.

– Пред неколку недели му пишавме писмо на премиерот и се надеваме дека тој и Владата целосно ќе ја поддржат нашата иницијатива за што поскоро отворање на Центарот. Веќе најдовме соодветни простории во центарот на Благоевград и со скромните средства со кои располагаме и благодарејќи на донаторите од Канада, започнуваме со негово опремување. Клубот ќе носи името на големиот македонски поет од Пиринска Македонија, Никола Вапцаров. Се надеваме да добиеме и помош од македонската Влада за опремувањето и отворањето на клубот. Доколку сите подготовки се одвиваат според планот, Центарот ќе може да се отвори и по повод празникот Илинден или за 12 септември – се вели во соопштението од ОМО „Илинден“ – Пирин.

Премиерот Ковачевски во април најави дека во Благоевград ќе биде отворен културен центар, за чие име, како што рече, ќе се консултира со Институтот за историја и ќе разговара и со бугарскиот премиер Кирил Петков.

И портпаролите на Владата, Мухамед Хоџа и Душко Арсовски, на прес-конференција информираа дека премиерот има намера во текот на годинава да отвори нов културен центар во Благоевград, по консултациите со Петков и Институтот за историја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот