Оман како полигон на доверба и недоверба: Можат ли САД и Иран да најдат излез од нуклеарниот ќор-сокак?

Денешните разговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави во Оман се одвиваат во сенка на длабока недоверба, регионални тензии и откритија што дополнително ја комплицираат иранската нуклеарна равенка дали земјата ќе биде повторно нападната од страна на Вашингтон.

Имено, како што објави Гардијан повикувајќи се на Асошиејтед прес, конвој за кој се верува дека превезувал американски претставници и дипломати веќе го напуштил местото на средбите, што укажува дека дипломатските контакти се одвиваат зад затворени врати и со висок степен на чувствителност.

Според последните извештаи на медиумите разговорите имаат за цел да го отворат патот кон мирно решавање на долгогодишниот спор меѓу Техеран и Вашингтон околу иранската нуклеарна програма, но тие се случуваат во момент кога нови информации откриваат колку е сложена мрежата на сојузи и заобиколување на санкциите што го поддржуваат иранскиот режим.

Откритијата дека Русија тајно испраќала милијарди долари во готово во Иран по воведувањето на американските санкции во 2018 година, како и сегашната воено-техничка соработка меѓу Москва и Техеран, фрлаат дополнително светло врз стратешката позадина на овие преговори. Токму затоа, средбите во Оман не се само обид за оживување на нуклеарната дипломатија, туку и тест за тоа дали САД и Иран можат да најдат заеднички јазик во свет во кој геополитичките блокови стануваат сè поцврсти, а санкциите сè полесно заобиколиви.

Претседателот Путин и лидерот на Иран, ајатолахот Хамнеи – Извор Х

САД и Иран одржаа одделни состаноци, почетокот на разговорите сè уште е неизвесен

Во Оман беа одржани одделни состаноци со ирански и американски претставници, но останува нејасно дали започнале формалните разговори. Министерството за надворешни работи на Оман потврди дека нивниот министер Албусаиди разговарал со највисокиот дипломат на Иран, Арагчи, а потоа и со американската делегација составена од специјалниот претставник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на Трамп.

Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Оман

Во официјалното соопштение од министерството се вели: „Фокусот на консултациите беше подготовка на условите за продолжување на дипломатските и техничките преговори, нагласувајќи ја нивната важност со оглед на решеноста на вклучените страни дека нивниот успех ќе обезбеди трајна безбедност и стабилност“.

Иранските медиуми објавија дека се очекува Арагчи и неговиот тим наскоро да започнат индиректни разговори со американската делегација. Од друга страна, постојат спротивставени информации за тоа дали воопшто започнале формални разговори.

Новинската агенција Ројтерс цитираше неименуван ирански функционер кој изјави дека преговорите сè уште не се започнати. Според него, индиректните преговори „можно е“ да започнат по состанокот меѓу оманскиот министер Албусаиди и американскиот претставник Виткоф.

Први разговори меѓу САД и Иран од јуни

Инаку САД и Иран денес седнаа на преговарачка маса за прв пат од јуни минатата година. Директните разговори доаѓаат откако минатогодишниот израелски напад врз Иран предизвика конфликт во кој беа вклучени САД, кој ескалираше во 12-дневна војна со реципрочни воздушни напади, зголемувајќи стравувања од регионално прелевање.

Заканите на Трамп кон Иран

За потсетување е да се напомене дека тензиите се зголемуваат во изминатиот месец под водство на Доналд Трамп, кој постојано му се закануваше на Иран со напад. Минатата недела тој предупреди дека „армада“ од американски воени бродови впловила во Персискиот Залив.

Техеран – извор Х

Последниот бран тензии беше предизвикан од изјавата на Трамп дека ќе го нападне Иран ако бидат убиени демонстранти за време на масовните антивладини протести што ја зафатија земјата минатиот месец. Организациите за човекови права известуваат дека иранските власти брутално ги потиснале протестите, при што загинале илјадници.

Се очекува денешните клучни преговори во Мускат, главниот град на Оман, да ги смират тензиите меѓу двете земји. Сепак, Иран изјави дека разговорите ќе се водат исклучиво за неговата нуклеарна програма. Поради ова, останува нејасно на какви отстапки се спремни двете страни и дали воопшто ќе има некаква мировна рамка по која страните би се придржувале со цел да се издејствува мирно решение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот