Огромна доза надеж за вакцината на Оксфорд

Фото: EPA-EFE/GLENN HUNT

Тимот од Универзитетот Оксфорд објави дека експерименталната верзија на вакцината што ја развива се покажала безбедна и предизвикала „силна имунолошка реакција“ кај луѓето што доброволно ја примиле

Светот од вчера има за еден мал чекор поголема надеж дека пандемијата на ковид-19 ќе може да биде запрена со имунизација.

Експертскиот тим од универзитетот Оксфорд објави дека експерименталната верзија на вакцината што ја развива се покажала безбедна и предизвикала „силна имунолошка реакција“ кај луѓето што доброволно ја примиле.  Вакцината од Оксфорд, во соработка со „Астра Зенека“ е една од трите за кои е потврдено дека се во третата фаза од развојот, во која експериментално им се дава на голем број доброволци. Во третата фаза се и вакцините на кинеската компанија „Синовак“ и на американската „Модерна“ во соработка со Националниот институт за алергиски и инфективни болести. И за три руски лаборатории се смета дека паралелно развиваат вакцини, но за нив се знае само од изјави на функционери во Москва.

Светската здравствена организација официјално следи повеќе од 140 фармацевтски лаборатории и компании што развиваат вакцина за ковид-19, но повеќето се во претклиничка фаза. Само десет се во првата фаза и уште десет во втората фаза од испитувањето. Досегашните искуства покажуваат дека за развој на ефикасна вакцина без несакани ефекти се потребни неколку години, но глобалната криза предизвикана од пандемијата фокусираше многу средства и напори во развојот на вакцини против ковид-19, па се очекува таа да биде изготвена за рекордно кратко време од 12 до 18 месеци, што би значело дека при најповолен развој на настаните првите имунизации би почнале во декември.

Британија нарачала 100 милиони дози

Професорката Сара Гилберт од Институтот Џенер на британскиот универзитет Оксфорд изјави дека е „повеќе од задоволна“ од првичните резултати од третата фаза на истражувањето, кои покажале дека една доза од вакцината предизвикала „добар имунитет“.

– Навистина сме задоволни поради тоа што се чини дека се однесува токму како што очекувавме. Имаме прилично големо искуство на користење на оваа технологија при други вакцини, па знаевме што да очекуваме да постигнеме и тоа и го постигнавме – изјави професорката Гилберт.

Добрите вести од Оксфорд ги поздравија премиерот Борис Џонсон и секретарот за здравство Мат Хенкок.

– Нема гаранции, се уште не сме до крајот и ќе бидат неопходни понатамошни испитувања, но ова е важен чекор во вистинската насока – изјави Џонсон.

Секретарот Хенкок изјави дека британската влада веќе нарачала 100 милиони дози од вакцината, ако се покаже како ефикасна во сите фази од развојот.
Тимот на Гилберт своевремено изрази надеж дека вакцината може да биде готова до септември, но професорката овојпат избегна да предвидува термини, наспроти позитивните вести од истражувањето.

Генетски модификувана настинка

Со студијата на тимот од Оксфорд биле опфатени повеќе од 1.000 здрави доброволци. На една половина од нив им била дадена новата вакцина, а на другата вакцина за менингитис. Ефектите биле мерени според количеството на антитела и на „т-клетки“ генерирани во крвта на доброволците. Вакцината е изработена од генетски создаден вирус што предизвикува обична настинка кај шимпанзата. Овој вирус бил модификуван за да прилега на новиот коронавирус.

Нивото на т-клетките (способни да забележат која од клетките на телото е заразена и да ја уништат) го достигнало максимумот 14 дена по имунизацијата, а на антителата по 28 дена. Поради брзањето со оваа фаза да се спроведе за осум недели, не е утврдено дали имунитетот е долгорочен.

– Вакцината ги активира двата система за одбрана, го напаѓа и вирусот и инфицираните клетки. Се надеваме дека ова значи дека имуниот систем ќе го запамети вирусот и дека ќе дава долгорочна заштита. Сепак, мораме да спроведеме повеќе истражувања за да тврдиме колку долго лицата ќе бидат заштитени – изјави професорот Ендрју Полард, водечки автор на студијата.

Остануваат многу предизвици

Кај 70 проценти од вакцинираните доброволци биле забележани треска или главоболка, но истражувачите истакнале дека таквите тегоби може да се смират со парацетамол. Други несакани ефекти немало.

Професорот Полард забележува дека резултатите од истражувањето во строго контролирани услови биле одлични, но треба да се причека за да се види дали вакцината е подеднакво ефикасна и во реални услови.

– Проблемот е што не знаеме која доза е доволна за заштита од вирус добиен од реалниот живот. Треба да направиме клинички тестирања и да го одредиме дозирањето – изјави Полард.

При идеални услови, вакцината би штитела од која било инфекција, но научниците за успех би го сметале ако таа ја ублажи болеста, односно ако го намали ризикот од зараза и од смртни последици на болеста.

Не се знае и дали вакцината ќе биде ефикасна и за повозрасните луѓе, кои имаат послаби имунитетски системи и за кои се знае дека добиваат послаба заштита и од вакцините за грип. Со истражувањето биле опфатени доброволци на возраст од 18 до 55 години, а ризикот од смртен исход од ковид-19 драматично се зголемува кај луѓе повозрасни од 65 години. Веќе се почнати тестирања за безбедност кај две групи постари доброволци – едната на возраст помеѓу 56 и 69 години и другата над 70 години.

Во следната фаза од развивањето, вакцината ќе биде тестирана кај 10.000 луѓе во Обединетото Кралство, кај 30.000 луѓе во САД, 2.000 во Јужна Африка и 5.000 во Бразил, со цел да се следи реакцијата при разни нивоа од коронавирусот.

И конкурентите брзаат

Кинеската компанија „Синовак“ развива вакцина врз основа на деактивирани честички на ковид-19. Резултатите од истражувањата досега се охрабрувачки, а кај доброволци во Бразил веќе е почната третата фаза од клиничките испитувања. Американската биотехнолошка компанија „Модерна“ развива вакцина користејќи „лажна“ рибонуклеинска киселина (мРна), со цел да го поттикне телото самото да создава вирални протеини. Досега не е одобрена ниту една вакцина со мРна, но експерти тврдат дека вакца вакцина е полесно да се произведува масовно.

Додека повеќето компании водат битка со времето развивајќи вакцини со модерни биотехнологии, француската „Валнева“ се потпира на добро проверениот рецепт за создавање вакцина со традиционалната техника на деактивирање на целиот коронавирус и негово инјектирање во телото. Оваа техника вообичаено е ефикасна, но развојот на вакцината трае многу подолго.

Борко Андреевски ја прими „Оксфорд“ вакцината против Ковид 19: Сакав да помогнам што побрзо да се најде лек за оваа болест!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот