„Огнените“ изнудија избор на ново претседателство во ДУИ, Ахмети вели дека во партијата нема „ни огин, ни пламен“

Фото: МИА

Лидерот на ДУИ и „огнените“ се појавија заедно по шестчасовните разговори, по кои Ахмети изјави дека во ДУИ не постои никаква „огнена група“

По речиси шест часа во седиштето на ДУИ во Мала Речица кај Тетово заврши средбата на претседателот на партијата Али Ахмети со т.н. „огнена група“ која бара реформи во партијата и разрешување на актуелни високи владини функционери од редовите на ДУИ, во прв ред Артан Груби.

По разговорите, лидерот на ДУИ најави дека „дебатата во партијата ќе продолжи“, а за десетина дена ќе биде одржано Централно собрание, на кое ќе се избере ново претседателство на партијата.

„Денеска имавме разговор со долгогодишните соработници, со нив сум поминал во многу битни процеси, во многу успеси. Разговаравме и во суштина дебатата се враќа внатре во партијата. На 15 октомври ќе има Централно собрание каде ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере новото претседателство и веднаш истиот ден новото претседателство ќе се врати во седиштот на ДУИ каде што ќе меѓу другото ќе се разговара за политичката ситуација и ќе има отчет од владиниот состав на ДУИ“, изјави Ахмети на прес-конференцијата, придружуван од Муса Џафери, Блерим Беџети, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта.

На новинарско прашање дали е „изгаснат огнот” на „огнените“, Ахмети рече дека во партијата нема ни оган, ни пламен и дека продолжи партиската дебата.

-Врз основа на анализата ќе продолжиме понатаму со дебатите. Нема оган, нема пламен, карактеристика на ДУИ е никогаш немало напори да се изгасне различното размислување, да се истисне или да се војува против различно размислување, напротив со почитување на тоа сме дошле до вистинските одлуки. Значи нема оган, и нема да има, изјави Ахмети.

Пратеникот Изет Меџити, еден од најистакнатите членови на „огнените“, на слично новинарско прашање рече дека е „задоволен“ од разговорите, додека за побараната смена на вицепремиерот Артан Груби рече дека „ќе се продолжи со дебатирање“ околу нивните барања.

-Дебатата ќе се врати во ДУИ, органите ќе одлучат за тоа што понатаму со нашите барања, рече Меџити.

До оваа средба и овие одлуки дојде откако на 24 септември медиумите го објавија отвореното писмо со кое функционери на ДУИ, кои се нарекоа „огнена група” побараа од раководството да запре „политичката војна” во партијата, а одредени функционери од извршната власт да понесат одговорност. „Огнените“ и Ахмети се сретнаа неколкупати, пред денеска да излезат заедно, во обид да демонстрираат единство по превирањата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот