„Огнена група“ од ДУИ бара од членовите и лидерот Ахмети да запре „политичката војна“ во партијата

Фото: ТВ21/колаж „Слободен печат“

Во групата актуелни и поранешни функционери на партијата се и потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити и поранешниот вицепремиер, Муса Џафери

Долгогодишни членови и функционери на ДУИ, кои се себеси се именуваат како „Огнена група“, составена од поранешни министри и сегашни пратеници и градоначалници, напишале писмо до раководството на партијата, во кое бараат да запре „војната“ во партијата, одредени функционери од извршната власт да понесат одговорност, а лидерот Али Ахмети да се заложи и да помогне да се зачува партиското единство, објави ТВ21.

Меѓу потписниците на писмото се: Изет Меџити (пратеник и потпретседател на ДУИ), Блерим Беџети (градоначалник на Сарај), Висар Ганиу градоначалник на Чаир, Мерита Коџаџику (пратеничка), Невзат Бејта (поранешен министер и градоначалник на Гостивар) и Муса Џафери (поранешен вицепремиер), како и актуелниот заменик-министер за одбрана, Башким Хасани.

Во писмото се вели дека, имајќи ја предвид создадената организациска состојба внатре во ДУИ во период од две години, потпишаните се должни „да го кренат гласот и да реагираат за тоа што го создавале со душа, односно Демократската унија за интеграција, да ја вратат на позицијата како што се развиваше цели 18 години“.

„Демократската унија за интеграција не е само политичка партија, туку ДУИ е вредност, која 18 години ги чуваше и ги унапредуваше правата на Албанците, отворено семејство со внатрешни консултации, без индивидуални привилегии, со статутарни тела и со континуиран раст на електоратот. Како такво, ние мора да го вратиме таму каде што и е местото“, велат тие.

Во писмото, тие бараат: политичка дебата внатре партијата за надминување на ова состојба, одговорност и отчет од носителите на извршната власт, апелираат да се прекине внатрешната политичка „војна” во партијата, ги повикуваат членството и партиските структури да се ангажираат за избегнување и надминување на овие појави и оваа состојба и бараат од претседателот на ДУИ, Али Ахмети, да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот