
Огин ја гори Македонија
Ќе му поверувам на Мицкоски кога, наместо со фалсификувани лиценци, ќе почне да мавта со фалсификувани сертификати за познавање англиски јазик, со фалсификувани дипломи и докторати
Големите несреќи и големите среќи имаат една заедничка карактеристика. Не се поимливи за рационалниот човечки ум. И тие секогаш им се случуваат на – некои други. Не сум јас тој што ќе ја добијам најголемата премија на лото во историјата на светот. И нема баш токму мене да ме погоди саксија по глава. Та, не сум јас таа среќа. Или таа несреќа. Тоа се некои други. Некаде далеку. Во некој егзотичен Орегон, во Америка. Или во некоја неизговорлива африканска држава.
Препорачано
И тоа е така, сѐ додека несреќата не влезе во нашите домови. Велам несреќата, а не среќата, затоа што среќата и онака веќе не сме во состојба да ја препознаеме. Ниту да ја почувствуваме.
И – што сега? Што може да се напише за немерливата трагедија во Кочани? За убиената младост на оваа кутра земја? И јас, како и другите, преполн сум со тага, омраза, бес, гнев, злоба, одмаздољубивост… А како и би можеле да бидеме поинакви, кога живееме во земја што гние однатре, која буквално живи ги гори своите деца и своите граѓани, која нѐ убива или директно или полека и на рати.
Опожарена земја
Народниот пејач би рекол „Огин ја гори Македонија, огин да ја изгори“. Навистина не знам дали постои на светот и во историјата на светот толку живи запалени луѓе за толку кус период на толку мала територија и во толку кус период.
Запален автобус во Бугарија, 2021 година, 45 македонски државјани изгореа, 17 од нив практично деца. Истата година, во пожар, во модуларната ковид-болница во Тетово изгореа 14 пациенти. Неодамна, во викендичка во викенд-населбата Моране живи изгореа една возрасна брачна двојка. Сега во Кочани, во пожар настрадаа 59 лица, главно деца и млади. Ги бројам само пожарите.
Не ја ставам тука, на пример, несреќата во Ласкарци, во која имаше 16 жртви. Не ги бројам сите оние прегазени пешаци, настрадани на градилишта, не ја бројам малата Вања или сите оние што настрадале на кој било начин поврзан со системот во кој живееме и со институциите што би требало да ни ја гарантираат безбедноста. И не ги бројам повредените.
Волонтери и инженери
Премиерот Христијан Мицкоски најавува уште една битка против криминалот. Велам уште една, затоа што помнам јас многубројни такви битки и војни, разно-разни „октоподи“, организирани криминали, кинески провизии, „лекс специјалиси“… Еве, ќе поапси десетина лица за да ја задоволи толпата жедна за крв. Ќе ги затвори поголемиот дел од македонските дискотеки, ноќни клубови, кабареа или како ли веќе се викаат.
Мицкоски вели дека со својот личен пример ќе покаже што е морална одговорност. И тоа го покажува така што не му паѓа напамет да преземе трошка одговорност за најголемата трагедија предизвикана од човечки немар во поновата историја на Македонија. Вели дека народот на избори ќе реши за моралната одговорност (!). Бадијала е сега да се објаснува дека моралната одговорност е лична одлука, а не избор. Или имаш морал или го немаш. Всушност, го немаш.
За 59 мртви млади луѓе, во некои нормални држави паѓаат цели влади. Или барем одредени министри. На пример, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој, исто така, со својот личен пример не чувствува никаква морална одговорност. На Тошковски во пожарот му гине негов службеник, полицаец. Зошто? Зошто воопшто бил таму? За да ги обезбедува присутните? За да спасува преживеани? Не! Туку за да проверува дали илегално се продава дрога и да легитимира малолетници! Тоа е таа масивна борба против криминалот!
Ќе му поверувам на Мицкоски кога, наместо со фалсификувани лиценци, ќе почне да мавта со фалсификувани сертификати за познавање англиски јазик, со фалсификувани дипломи и докторати и кога навистина ќе почувствува морална одговорност за сите оние високопозиционирани службеници по македонските министерства што се таму само затоа што се партиски активисти, негови пријатели или пријатели на негови блиски луѓе.
Една од паролите на српските протести отприлика гласеше: „Кога партиските волонтери ќе помислат дека се инженери“. Ете, тоа е дефиницијата на корупцијата. Не е толку битно кој потпишал или не потпишал лиценца или дозвола за работа. Битно кој го ставил таму. Кој е „кадровикот“ во оваа држава и врз основа на кои критериуми ги избира своите кадри.
Целиот текст може да го прочитате тука.
(Авторот е новинар и публицист)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“