Официјално Скопје „спие“ мирно за можна мигрантската криза

Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска изјави дека засега нема очекувања дека може да дојдеме во ситуација на зголeмен мигрантски бран.

Во моментов нема посериозна промена во динамиката на обиди за илегален влез на мигранти на нашата територија. Нашите полициски службеници во соработка со нивни колеги од повеќе пријателски земји кои ни помагаат веќе неколку години, ги преземаат потребните мерки и активности за заштита на нашата граница од мигранти, вели за „Слободен печат“, Тони Ангеловски портпарол на Министерството за внатрешни работи.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска изјави дека засега нема очекувања дека може да дојдеме во ситуација на зголeмен мигрантски бран, но ако дојде до какво било отворање на рутатата и зголемување на бегалци тие може само да транзитираат или да бидат со времен престој до 72 часа.

Според Спасовски, системот за добро справување со евентуално миграциска криза функционира постојано и сите надлежни институции се максимално посветени на справување со евентуален зголемен број мигранти.

– Знаете кој е ставот и политиката на Владата во однос на мигрантите, ние сме транзитна земја, имаме два транзитни центра, „Винојуг“ и „Табановце“ и ако дојде до какво било отворање на рутата односно зголемување на бегалци низ Република Северна Македонија може само да транзитираат или  да се донесе времен престој до 72 часа – рече Спасовски.

Тој информираше дека изутрината Управувачкиот комитет на седница разговарал подетално за оваа состојба, како и дека службите следат и на дневна основа информираат, а соработката со државите од  опкружувањето во овој регион е добра и со нив има постојана комуникација.

– Неколку пати сум истакнал дека прашањето во однос на миграцијата не е прашање што може да го реши една држава, туку треба да се изгради заемна политика, заради тоа што, пред се, ние се справуваме со последици, а не го решаваме проблемот, тој се решава таму кај што е неговиот извор. Сите заедно како држави од регионот се справуваме со последиците, но како и да е, сега засега, нема очекувања дека можеме да дојдеме во ситуација на згоелмен мигрантски бран. Очекувам дека договорот помеѓу ЕУ и Турција  ќе продолжи понатаму да функционира и да се реализира и заеднички ќе имаме можност добро да ја имплементираме целата оваа кризна состојба – наведе Спасовски.

За капацитетите на МВР за справување со проблемот, со оглед на тоа што неодамна со него раководи технички министер за внатрешни работи, Спасовски потенцираше дека системот функционира и оти тој не може да зависи од еден човек и од тоа дали министерот или кој било функционер е еден или два месеца на таа функција.

– Јас кога станав министер бев во најголемиот бран кога во еден ден влегуваа 10.000 до 12.000 бегалци, така што системот функционира, МВР, министерствата за труд и социјална политика и за одбрана, Армијата на државата, сите заедно сме насочени максимално посветени во однос на справување со евентуален зголемен број на мигранти иако сега проценките се дека нема да има таква состојба – рече Спасовски.

Со сличен став вчера излезе и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Тој потенцираше дека земјава е подготвена за справување со евентуален наплив на бегалци од Сирија, но во координација со ФРОНТЕКС и земјите-членки на Европската Унија.

– Ние сме во постојана координација со земјите-членки на Европската Унија и со нашите партнери ја следиме состојбата уште од моментот кога почна да се разгорува ова прашање. Нашите институции се подготвени за справување со евентуален хипотетички бегалски бран, но тоа справување е повеќе во координација со ФРОНТЕКС и со земјите-членки на ЕУ со кои споделуваме заедничка политика во однос на бегалците – изјави Осамни.

Од полицијата додаваат дека постојат одредени обиди за илегален влез во земјава на мигранти, кои најчесто доаѓаат од Авганистан, Пакистан, Бангладеш, Иран или од африканскиот континент.

Додека официјално Скопје се справува со ситни шверцери на мигранти, грчката полиција и армија со соочуваат со вистина мигрантска криза на турско-грчката граница посебно во регионот на реката Еврос која мигрантите и бегалците ја користат за нелегално од Турција да влезат во Грција. Во претходните 24 часа на грчка терориторија од Турција имало 9.877 обиди за нелегален влез и уапсени 68 лица.

Во изминатите 24 часа на грчките острови пристигнале  околу 1.000 бегалци и мигранти во над 25 различни случаи, а за дел била потребна интервенција на грчката крајбрежна служба за спасување на лица, објави грчката новинска агенција АНА-МПА. Најголем број бегалци и мигранти пристигнале на Лезбос, вкупно 512 во 11 одвоени случаи. На Хиос стигнале 295 лица, 128 на Самос и 85 на помалите грчки острови во близина на турското крајбрежје.

Организацијата на Обединетите нации за мигранти објави дека до саботата вечер на турската граница долга 212 километри со Грција биле собрани најмалку 13.000 луѓе, од кои повеќето се чини дека се од Авганистан.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот