Одлука на Советот за етика во медиумите на Македонија
Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата
одржана на 12 март 2021 година, врз основа на примена жалбa од адвокат Горан Андревски,
ја донесе следната:
Препорачано
О Д Л У К А
ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕОСНОВАНА
Веб-порталот „Слободен печат“, со текстот насловен „Го оштетила буџетот за компанијата за 22,2 милиона денари: Кривична пријава против поранешен член на УО на АД МЕПСО“, не ги прекршил етичките и професионални стандарди.
ЖАЛБА
До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 22 февруари 2021 година, адвокат Горан Андревски, во својство на полномошник на Катерина Глигорова од Скопје, поднесе жалба за текстот со наслов „Го оштетила буџетот за компанијата за 22,2 милиона денари: Кривична пријава против поранешен член на УО на АД МЕПСО“, објавен на 21 февруари 2021 година, на веб-изданието на „Слободен печат“ (www.slobodenpecat.mk).
Во жалбата се наведува дека во оспорениот текст е повреден принципот на презумпција на невиност и заштита на сведоци и дека има нарушување на приватноста и објавување на лични
податоци, односно дека Кодексот на новинарите е прекршен во членовите 7 и 8.
Пoдносителот на жалбата смета дека порталот „Слободен печат“ се ставил во позиција на суд и си дал за право да објави содржина со која самиот медиум веќе го осудил настанот, а членот на Управниот одбор го огласил за виновен како навистина да го сторил делото за кое е осомничен. Адвокат Андревски посочува дека се работи за поднесена кривична пријава под сомнение за сторено кривично дело, а не за завршен судски процес и дека медиумот не смеел да пласира информации како да е веќе пресудено со правосилна судска пресуда. Според него дали навистина осомничениот го сторил делото е предмет на докажување, во соодветна постапка. Андревски во претставката вели дека секој е невин сè додека не се докаже спротивното и цитира член од Законот за заштита на лични податоци, во делот на дефинирање на поимот личен податок.
„Видно од содржинатa на соопштението може да се утврди дека покрај иницијалите на членот на Управниот одбор, се открива работното место, друштвото во кое работи, полот на пријавената начин што во објавите стои ,,го оштетиЛА’’ , ,,потпишаЛА’’, ,,потврдиЛА’’ и слично, при што на ваков начин пријавената лесно се идентификува.
Постапувајќи на погоре опишаниот начин, медиумите ја повредуваат приватноста на членот на Управниот одбор на начин што го откриваат неговиот идентитет. Поради откривањето на идентитетот на членот на Управниот одбор за кој се пласираа / објавија информации како да е виновен за делото за кој е осомничен, сега истиот се соочува односно е изложен на срам и непријатности во неговата поблиска средина и општеството воопшто, поради што е нарушена неговата чест и углед“, се вели во поднесената претставка.
Адвокат Андревски, меѓу другото, како полномошник на жалителката Катерина Глигорова, побара од медиумот да објави демант за пласираната информација, извинување за нарушување на нејзината привaтност, како и да ја отстрани спорната содржина.
ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со порталот „Слободен печат“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Управителот на медиумот, Мирослав Јовановиќ одговори на наводите на жалбата.
Јовановиќ појаснува дека оспорената вест во изворна форма била пристигната од државен орган, Управата за финансиска полиција (во вид на коминике), а истата вест со идентична содржина била пристигната и од Македонската информативна агенција (МИА), на чии содржини „Слободен Печат“ бил претплатен. Според Јовановиќ, наводите дека со објава на веста се повредува приватноста и личниот углед на жалителката, преку објавување лични податоци и откривањето на идентитетот на жалителката, биле, во најмала рака, бесмислени.
„Наводите за откривање на идентитет, пресудување пред пресуда, повреда на пресумпција на невиност и слични шпекулации – се неосновани, бидејќи во преземената вест се наведени само иницијали на лицето; лицето (за нас непознато, односно поседуваме само иницијали наведени во коминикето на УФП и МИА) било јавен службеник – член на Управен одбор во ЈП МЕПСО и оттаму e несомнен легитимниот интерес на јавноста и медиумот за оваа тематика“, велат од „Слободен печат“ во одговорот на жалбата и додаваат дека членот на Управниот одбор и неговото име и функција во УО не се тајни и дека истите ѝ биле познати на јавноста со моментот на нивното назначување на јавна функција од страна на Владата.
Управителот на „Слободен печат“ во одговорот цитираше и членови од Законот за заштита на лични податоци, наведувајќи во кои случаи одредбите од овој Закон нема да се применуваат врз обработката на личните податоци, вклучително и во делот кој се однесува новинарското известување.
ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ
Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и едногласно одлучи дека нема
прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.
Комисијата во оспорениот текст не констатираше повреди на принципот на презумпција на
невиност и заштита на сведоци, нарушување на приватноста и објавување на лични податоци,
ниту прекршување на Кодексот на новинарите во членовите 7 и 8, на кои упатува жалителот.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА
На седницата на 12 март 2021 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина. Најпрво, заклучија дека не можат и немаат право да ги утврдуваат фактите наведени во неа. Надлежност на Комисијата е единствено да утврдува дали се почитуваат етичките и професионалните стандарди во новинарскиот производ.
Комисијата едногласно утврди дека текстот на порталот „Слободен печат“ ги почитува етичките и професионалните стандарди и не отстапува од Кодексот на новинарите на Македонија.
Се работи за пренесување јавно достапна информација, пласирана од државен орган, во случајов, соопштение на Управата за финансиска полиција за поднесена кривична пријава против поранешен член УО на МЕПСО под сомниение за несовесно работење. Соопштението е пренесено речиси дословно и без какви било дополнителни интервенции, што самото по себе укажува на тоа дека не се работи за авторски текст.
Медиумот никаде во содржината не прејудицира вина, не се поставува во позиција на суд, ниту наметнува тенденција дека се работи за правосилна пресуда, како што цени жалителот.
Напротив, во содржината е наведено дека е поднесена кривична пријава и дека станува збор за осомничено лице. Новинарите немаат обврска дополнително да ја проверуваат точноста на официјалните соопштенија на државните институции и истражните органи, а во случај на евентуална неточност, товарот на одговорноста паѓа на самата институција, а не на медиумите. Во таа насока, Комисијата не најде елементи дека е повреден принципот на презумпција на невиност и заштита на сведоци, на кои упатува жалителот.
Комисијата за жалби оцени дека текстот произлегува од јавниот интерес, зашто информациите поврзани со работата и евентуалното несовесно постапуавње на носителите на јавни функции е легитимна новинарска цел и не смеат да биде изземени од теми за кои јавноста треба да биде информирана. Во текстот не е објавен идентитетот на осомниченото лице, туку се наведени иницијали, како што е посочено и во самото соопштение на Финансиската полиција. Најпосле, се работи за поранешен носител на јавна функција, кој подлежи на посилен јавен надзор и чија заштита на приватност, во одредени случаи, може да биде поограничена во однос на приватните лица. Став на Комисијата е дека во случајов, јавниот интерес надвладеал над правото на личноста да ја заштити својата приватност.
Сумирајќи го актуелниот оспорен текст и приложената документација, а земајќи го предвид фактот дека вкупно 26 медиуми беа предмет на жалба на ист подносител за речиси идентична содржина, Комисијата во поднесените претставки на жалителот препознава елементи за одреден притисок врз медиумите, на што укажаа и дел од нив.
Самото барање на жалителот медиумите да ја избришат содржината или да упатат јавно извинување поради текст кој дословно пренесува соопштение на државен орган, за
Комисијата за жалби е во најмала рака тенденциозно.
* * *
Комисијата при одлучувањето го зеде предвид и:
* Член 4 од Декларацијата за слобода на политичката расправа во медиумите (Комитет на министрите на 872 состанок од 12.12.2014) каде се вели дека:
„Функционерите мора да го прифатат фактот дека се, особено преку медиумите, подложни на јавен надзор и критика за начинот на кој начин ги обавувале или ги обавуваат своите функциии, ако тоа е потребно за обезбедување транспарентност и одговорно вршење на нивните функции.“
* * *
Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено.
Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Мери
Јордановска, Теофил Блажевски, Лилјана Пецова – Илиеска, Ердем Ахмет и Димитар Мицев.
Се обврзува порталот „Слободен печат“ (www.slobodenpecat.mk), во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби, да ја објави оваа одлука.
Со почит,
Совет за етика во медиумите на Македонија Претседател на Комисијата за жалби
Мирче Адамчевски


