Одливот на мозоци треба да го претвориме во „циркулација на мозоци“, вели Јаневска
Нашата умешност треба да ја покажеме во обезбедувањето механизми за претворање на одливот на мозоци во „циркулација на мозоци“. Не е целта да спречиме мобилност, туку да ја претвориме во процес во кој студентите и професорите заминуваат, но се враќаат со нови знаења, контакти и идеи“, рече министерката за образование Весна Јаневска на отворањето на конференцијата „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“
Препорачано
На конференцијата во Скопје, која МОН ја организира во партнерство со Регионалниот совет за соработка и Светската банка, Јаневска рече дека без придонес од високообразовната заедница преку истражувања, учење и настава, општествено влијание, иновации и трансфер на технологии, не може да се решат главните предизвици на современите општества, вклучително и оние кои се однесуваат на целите на Обединетите нации за одржлив развој.
„Во следниот период ни претстои интензивна работа со цел продлабочување на меѓусебната соработка и градење институционални капацитети, како обезбедување еднаков пристап за сите студенти и наставници до заедничките образовни добра. Но, предизвиците се бројни. Универзитетите и државите имаат ограничени средства за програми за мобилност, за истражувачки проекти и инфраструктура. Недостигот од стабилно финансирање ја прави интернационализацијата зависна од донации наместо од долгорочна стратегија. На овој план, како држава, Македонија во последнава година и половина направи крупен исчекор. Ги зголемивме вложувањата во високото образование и науката, а цврсто сме решени буџетските средства за оваа намена и во следните години да растат“, посочи Јаневска.
Според Јаневска, интернационализацијата треба да стане „пристап што не ја осиромашува нашата академска заедница, туку ја збогатува и ја прави поконкурентна, истовремено поттикнувајќи иновации и развој на државите“.
„И што е исто толку важно, гледано од аспект на учесниците во академската размена – таа мора да остане достапна за сите, а не само за оние со финансиски можности. Не смееме да дозволиме студенти и наставници да се вреднуваат надвор од академските критериуми и поради тоа да бидат исклучени. Финансискиот момент не смее да биде одлучувачки ниту за универзитетите и тие да ја гледаат интернационализацијата само како начин за привлекување странски студенти заради приходи“, посочи Јаневска.
Министерката лани најави дека ресорното министерство ќе продолжи да обезбедува финансиска поддршка за оние што ќе се запишат на додипломски, постдипломски или докторски студии на некој од најдобрите светски универзитети според Шангајската ранг-листа. Но, истовремено, иако плаќа стипендисти, Јаневска рече дека „ако не исполнат договор и не се вратат во Македонија, тогаш го враќаат истиот износ“.
МОН дава финансиска поддршка за студирање на најдобрите светски универзитети
Академската заедница изминативе години на повеќе пати ја критикуваше оваа мерка. Младински образовен форум во 2024 направи и истражување „Неискористен студентски потенцијал“ кое укажа дека дотогаш земјата стипендирала 389 студенти во странство и отприлика за секој од нив од државната каса издвоила 160.000 долари, но ретко кој од нив се враќа да работи во Македонија.
Исто така, меѓу другото, анализата алармираше дека стипендии повеќе користат ученици од приватните школи, наспроти нивните врсници од државните училишта.
„Истражувањето покажува дека има нетранспарентност при процесот на распределба на стипендијата, ниско ниво на промоција на програмата, дека не се води евиденција и мониторинг на студентите кои ја добиле стипендијата, дека комуникација со корисниците на стипендијата е ненавремена, понудите за работа не се соодветни и има потреба од ревизија на начинот на кој моментално се имплементира“, истакнаа од МОФ.


