Одбележани 24 години од заседата кај Карпалак: „Да не се повтори и да не се заборави“
„Осми август е ден кога недобронамерниците посегнаа по наше парче земја, ден кој и по 24 години буди чувства на гордост, но и на тага“, рече потполковник Сашко Палески, командант на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп при вечерашното чествување на 24-годишнината од загинувањето на 10-те прилепски бранители кај Карпалак.
Препорачано
Повеќе делегации, роднини на загинатите се поклонија пред спомен-обележјето во касарната за десеттемина прилепчани кои загинаа во заседа на автопатот Скопје-Тетово кај месноста Карпалак, кога припадници на т.н. Ослободителна народна армија (ОНА) го нападнаа армискиот конвој.
„Носиме чувство на гордост за хероизмот на нашите другари: Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко, Љубе, Пецо и Марко, припадници на резервниот состав на единицата и емоции на жал и тага поради саможртвата на нашите херои кои како лојални и чесни граѓани ја исполнија својата света должност, се јавија на повикот, положувајќи ги своите животи на браникот на татковината“, рече потполковник Палески.
Тој додаде: „Спомените за загинатите ќе се чуваат, со порака – никогаш да не се повтори“.


