Одбележан Денот на ослободување на Скопје

ирена стефоска, скопје
Ирена Стефоска, министерка за култура / Фото: Влада на РСМ

По повод 77 години од победата на борците од партизанските единици над фашистичкиот окупатор, членови на Сојузот на борци и градските власти положија свежо цвеќе на гробиштата во Бутел и гробот на генерал Михајло Апостолски, како и пред споменикот на ослободителите пред зградата на Владата.

-Во антифашистичката војна, Скопје има голема историска победа, рече претседателот на градската организација на Сојузот на борци на церемонијата пред Владата.

Потсетувајќи се на заедништвото на бригадите, тој упати повик до граѓаните и политичарите да работат сложно, како што рече, да се издигнат над политичките сфаќања.

-Овој ден не треба само да се чествува, туку да го запаметиме и да се сеќаваме што дале борците за денеска да живееме во слободно Скопје, рече градоначалничката Данела Арсовска.

Денешниот празник на Фејсбук го честитаа премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Ова е ден кога се сеќаваме на херојството, кога им се поклонуваме на жртвите на борците и на цивилното население кое заедно со партизаните се бореа за секоја улица на нашиот град. Скопје памети многубројни закани и природни катастрофи, но градот секогаш повторно и повторно се кревал и закрепнувал и ги нижел своите победи, пишува Заев.

Во честитката на Мицкоски стои дека Скопје на пиедестал секогаш ја ставало борба за слобода, верувањето во принципи и надежта за иднината.

-Нашите современи битки ќе бидат нашите заеднички победи, нашето раздолжување кон градот на солидарноста, слободата и хуманоста, пишува Мицкоски.

По повод одбележувањето на 77-годишнината од ослободувањето на Скопје, на одбележувањето организирано од Град Скопје, денеска Владина делегација составена од министерката за култура, Ирена Стефоска и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски положи свежо цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел.

Во чест на борците кои на 13 ноември 1944 година ја донесоа слободата, делегациите оддадоа почит и положија цвеќе и на Алејата на заслужните и пред Споменикот на Ослободителите во дворот на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот