Од унгарската милијарда остана ситнеж, за ефектите ќе причекаме
Низ општините се најавува голема инвестициска офанзива со над 800 одобрени проекти, но стручната фела е загрижена како тие ќе се реализраат. Фирмите, иако бараа што побрзо да се ефектуира кредитот, се уште немаат доволно проекти за сите пари
Се топат парите од кредитот од унгарската Експорт – импорт банка. Сепак, остана дел од нив кој засега никому не му припаѓаат. За општинските проекти остнаа на располагање уште околу 13 милиони евра, а од парите за кредитирање на фирмите има уште 78,9 милиони евра.
Препорачано
Грубата распределба на парите е направена, а за нивно доискористување адреста е Министерството за локална самоупра и Развојната банка.
– Со средствата од билатералниот заем од унгарската Експорт-импорт банка (1 милијарда евра) навремено беше исплатена Еврообврзницата од 500 милиони евра со доспевање јануари 2025, а останатите 500 милиони евра преку Буџетот се насочени за општините за проекти за локален развој (250 милиони евра) и за кредитна поддршка на инвестиции преку Развојната банка (250 милиони евра) – изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за финансии.
Од Министерството за локална самоуправа не добивме одговор што со оние пари кои останаа, а кои беа наменети за проекти за општините. Одговор не добивме ни за тоа дали се планира трет јавен оглас за доискористување на износот до 250 милиони евра.
– Во вториот јавен повик кој беше објавен на вредност до 15.000.000.000 денари, одобрени од страна на шест ресорни министерства се 828 проекти од 80 општини во вкупна вредност од 13.868.138.877денари – велат од Министерството за локална самоуправа.
Општина со најмногу одобрени проекти е Битола со вкупно 65 проекти во вредност од околу 11,5 милиони евра. Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, потпиша договори за проекти распределени во рамки на пет министерства.
-Ова е силен импулс за развојот на Битола. Со оваа поддршка, ја зајакнуваме инфраструктурата, образованието, животната средина и културата – сѐ со цел подобар живот за граѓаните – изјави Коњановски.
Од Министерството за локална самоуправа велат дека општини кои имаат одобрен по еден проект за финансирање се: Богданци, Новаци, Градско, Берово и Росоман. Без ниту еден проект нема ниту една од општините.
Општините понудија многу проекти, има ли стручен капацитет за реализација?
Проектите за конкурирање беа голем тест за општините. На двата повика на Министерството за локална самоуправа од општините пристигнале околу 1.200 апликации, а одобрени се 828 инфраструктурни и други проекти.
– Овој исклучително голем одзив претставува јасен показател за високата заинтересираност на општините за инвестициски проекти и потврда дека одлуката на Владата за спроведување на оваа мерка е навремена, стратешки исправна и одговара на реалните потреби на општините, истакна министерот за локална самоуправа – изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Но, архитектите стравуват како ќе се реализираат овие проекти. Платформата посветена на промоција на македонската архитектура пред пошироката јавност МАРХ изрази загриженост за роковите во кои морало да се одговори со цела документација.
„Толку сериозна инвестиција за развој на инфраструктурата, бара сериозен пристап, квалитетни проекти и транспарентност во постапката. Ваквите рокови креираат сомнежи и насока за неквалитетно разработени проекти, но и пропуштена можност навистина да се размисли целиот процес во правец на вистински избор и поентирање преку инвестиција онаму каде е вистински потребна“, објави МАРХ на својата платформа.
Сепак, упатените објаснуваат дека општините си ги знаат своите критични точки и дека ова е добар начин за нив да се обезбедат пари, а дека тие може дополнително стручно да се допрецизраат. Но исто така, дел од општините по првиот повик, јавно се пожалија на административни пречки и недостаток на стручна поддршка при подготовка на апликациите.
За фирмите останаа уште речиси 79 милиони евра
Преку Развојната банка, како што информираа досега од Министерството за финансии искористени се 68 отсто од предвидените 250 милиони евра. Деновиве Министерството за финансии ја исплати петата транша во износ од 700,9 милиони денари или 11,3 милиони евра кон Развојната банка, средства кои се наменети за поддршка на домашните компании.
– Средствата се трансферирани од Буџетот врз основа на доставено барање од Развојната банка, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки. Во Буџетот за 2025 година за поддршка на домашната економија и домашните компании се проектирани вкупно 250 милиони евра. Досега се префрлени кон домашните компании пет транши во вкупен износ 171,1 милиони евра. Средствата за поддршка на домашната економија беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка, со цел да се пласираат средства по поволни услови за реализација на инвестиции во приватниот сектор – велат од Министерството за финасии.
Компаниите со нетрпение ги чекаа парите и притискаа што побрзо да почнат да се пласираат. Тие доставуваат свои проекти преку комерцијалните банки, исто како и кога побаруваат „обичен“ кредит преку нив.
Кредитите се наменети за инвестициско финансирање и развој на приватните трговски друштва, а средствата ќе бидат искористени во производствените дејности, вклучувајќи инвестиции во опрема, недвижности, обновливи извори на енергија и софтверски решенија.
– Министерството за финансии и Државната развојна банка се задолжени за реализацијата на овој кредит, кој ќе има долгогодишно и позитивно влијание врз економијата и стопанските капацитети на земјата. Унгарската кредитна линија се карактеризира со поволни услови, што ја прави особено значајна за компаниите во РС Македонија. Минималниот износ по корисник е десет милиони евра, а рокот на отплата е до 15 години, со вклучен грејс-период од 3 години. Овие услови го прават кредитот многу атрактивен за македонските компании бидејќи фиксната каматна стапка од 1,95 проценти е значително пониска од пазарната каматна стапка во земјата, која изнесува околу 4,7 проценти. Ова ја намалува финансиската тежина на компаниите и им овозможува да развиваат нови проекти и да ги модернизираат своите производствени капацитети – оценуваат од Македонската банкарска асоцијација.
Веднаш по изборите, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, осамна и веста дека од една „пријателска земја“ ќе се позајми една милијарда евра. По многу навестувања и коментари во јавнста за тоа која е таа пријателска земја, се обзнани дека станува збор за комерцијален кредит од унгарската Експорт – импорт банка. Прво се позајмија 500 милиони евра, а набргу уште толку пари.


