Од следната година квотите на факултетите ќе се дефинираат согласно пазарот на трудот
Следната година квотите на високообразовните установи ќе се дефинираат врз основа на анализа на пазарот на трудот и податоци од Агенцијата за вработување и други институции.
Препорачано
Министерката за образование и наука Весна Јаневска смета дека во државата нема потреба од толку многу правници, но потребни се наставници по математика, физика, хемија.
– Оваа година немавме време да интервенираме во конкурсот, бидејќи истиот веќе беше подготвен од претходното раководство, а поради краткиот рок новата Влада мораше да го усвои без можности за корекции. Но, анализата е почната. Одредени квоти мора да се редуцираат, на пример на Македонија не и требаат толку многу правници, а и требаат наставници по математика, физика, хемија и ние ќе ги стимулираме младите со стипендии да ги одбираат дефицитарни занимања – изјави Јаневска во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Министерката додаде дека се размислува и за воведување на приемни испити на сите високообразовни установи, но за тоа дополнително ќе се дискутира.
Јаневска се осврна и на буџетот за наука, кој, како што рече, Владата има намера да го зголеми од сегашните 0,3 отсто од бруто домашниот производ на 1 процент и дека тоа етапно ќе се случува.


