Од сите нерешени проблеми во Скопје, најголем ли е враќањето на споменикот на Ќосето?

Враќањето на споменикот на Ќосето не е проект од програмата „За модерно Скопје“, со која градоначалничката Данела Арсовска ги собра гласовите на мнозинството граѓани на последните локални избори. Сепак таа реши, поведе постапка и сега и официјално бара Советот на Град Скопје да дозволи споменикот на контроверзниот Андон Лазов Јанев – Ќосето повторно да се постави, овој пат не пред судовите туку на крстосницата помеѓу булеварот Александар Македонски и булеварот Беласица.

Објаснувањето на Арсовска за ваквиот нејзин потег е дека станува збор за „важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери“, чиј споменик неправедно и шверцерски, како што рече, бил отстранет од претходното градско раководство.

 Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да ’рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана – бара градоначалничката.

Голема е веројатноста дека нејзината иницијатива ќе помине во градскиот Совет, каде што мнозинството го имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и покрај тоа што веќе подолг период трае недоразбирањето помеѓу Арсовска и оваа партија. Споменикот на Ќосето и се постави во периодот кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и на централно и на локално ниво, а досега од партијата не се огласија и не го коментираа барањето на Арсовска.

Но, се огласија од СДСМ од каде што порачаа дека преку својата советничка група во Советот ќе се спротивстават на предлогот за враќање на споменикот, кој, според партијата, не треба да биде никогаш повеќе поставен каде било, затоа што неговото место е во негативните поглавја од македонската историја.

Катастрофа му се случува на Скопје секогаш кога ДПМНЕ и нивни градоначалници го водат Градот. Скопје две години е град без перспективи, со нефункционални институции, преплавен со ѓубре, без достоен јавен превоз, без ниту еден реализиран нов капитален проект. И наместо да понуди решенија, антиевропската партија ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски, на скопјани им нуди споменици од режимот, како оној на Андон Јанев – Ќосето, историска контроверзна личност, еден од најголемите крвници на македонскиот народ – реагираа од СДСМ.

Оттаму посочија дека споменикот бил бесправно поставен од режимот и затоа бил отстранет, а дека неговата локација пред зградата на судот била сфатена како порака за партиска послушност на судиите на тогашната власт. Според нив, најавата за повторно поставување на споменикот на Ќосето е „продолжување на матрицата на Никола Груевски и на режимската антиевропска ДПМНЕ“ .

Градоначалничката набрзо откако стапи на функција, соопшти дека ќе го враќа споменикот, а потоа се пушти во потрага по него. Пред една година соопшти дека споменикот конечно е лоциран.

Споменикот на Ќосето долго време го баравме и успеавме да го детектираме. Ќе ги прашаме граѓаните, што се однесува до мене како градоначалник затоа што многу често беше поставувано ова прашање, не само во кампањата туку многу често и самите граѓани знаат да напишат и да прашаат, и ме интересираше каде е – рече Арсовска.

Граѓаните вообичаено не беа прашани што мислат и дали се за враќање на спорниот споменик, а градоначалничката пролетва побара од Општина Центар да даде согласност за почнување постапка за враќање на споменикот на истата локација од која беше тргнат. Градоначалникот Горан Герасимовски ја упати да побара согласност од Собранието, затоа што законски општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење.

Новата локација што сега ја предлага Арсовска е во Општина Гази Баба, со која раководи градоначалникот Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ, кој се очекува дека нема да биде против поставувањето на споменикот.

Граѓаните се со поделени мислења за иницијативата на скопската градоначалничка. Некои ја подржуваат и сметаат дека со тоа ќе се исправи историска неправда, но повеќето ѝ порачуваат да се фати со решавање на градските проблеми и ветените проекти, наместо да се занимава со споменици, затоа што тие ниту ќе го исчистат градот ниту ќе донесат подобар живот.

Исчистете го градот, се давиме во смет. Пуштете некоја чешма во градот со вода, цело лето помина, 90 отсто не ви работат, ниту во Градски парк. Пуштете цистерни да се измијат улиците, заменете ги дотраените контејнери со нови. Пуштете градски инспектори нека казнуваат за фрлање смет, нека ги контролираат камионите од градилиштата (нели треба да се мијат тркалата), прашината ни е навлезена во секој дел од домовите. Подобрете го јавниот превоз – реагира во коментар скопјанец.

Колку за потсетување, споменикот на Ќосето, донација на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, беше поставен во 2014 година, во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски. Никој од претходните власти, ниту од неговите донатори, никогаш не објасни зошто споменикот, на кој Ќосето е претставен со нож во раката, беше поставен токму пред Врховниот суд, и која е симболиката на тој чин.

Четири години подоцна, во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, споменикот беше отстранет со објаснување дека е дивоградба и однесен во магацин на „Металски завод –Тито“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот