Од понеделник матурантите ќе ги добиваат дипломите и свидетелствата

Фото: Слободен печат/Ристe Пејовски

Не можеме да ја добиеме дипломата за државната матура, а не се готови ниту свидетелствата. Моето дете сака да се запише на факултет во странство, но не може да ги собере потребните документи од училиштето – вели револтиран родител за „Слободен печат“.

Свидетелствата за матурантите и за деветтоодделенците, на кои им се потребни документи за упис во средно училиште, односно на факултет, веќе се доставени до училиштата, додека сите други печатената потврда за постигнатиот успех ќе ја добијат најдоцна до 31 август, кога се закажани уписите на факултетите во земјава.  

Ова е одговорот на надлежните по реакциите на некои родители дека нивните деца може да задоцнат со уписите зашто не се готови потребните документи. Ова особено важи за матурантите, кои за две недели треба да испратат  копии од дипломите и свидетелствата за упис во странство.

– Покрај тоа што не можеме да ја добиеме дипломата за положена државна матура, не се готови ниту свидетелствата од последната учебна година, иако е одамна завршена. Моето дете сака да се запише на факултет во странство, но не може да ги собере потребните документи од училиштето – вели револтиран родител за „Слободен печат“. Тој додаде дека во некои од скопските гимназии матурантите веќе ги вратиле учебниците, што е услов да добијат свидетелства и го добиле документот што им е неопходен.

Директорот на средното училиште СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје, Драган Арсовски, за „Слободен печат“ вели дека дипломите од матурата ги добиле вчера и од понеделник ќе почнат да им ги издаваат на учениците на кои им се потребни за упис на факултет во друга држава. Свидетелствата од поодамна ги имаат испечатено, меѓутоа не ги делеле, затоа што чекале тоа да го сторат кога ќе стасаат дипломите за положена матура за да не ги викаат учениците двапати и да го намалат ризикот од ширење на пандемијата.

– Дипломите ги добивме вчера, класните раководители веќе ги прегледуваат и од понеделник ќе им почнеме да им ги делиме на сите на кои им требаат итно. Свидетелствата решивме да ги поделиме заедно со дипломите поради епидемиолошката состојба, за учениците да немаат потреба два пати да доаѓаат физички во училиштето – вели Арсовски.

Според Арсовски, ова е случај со секое средно училиште. Матурантот што треба итно да ја добие дипломата, треба да се поднесе писмено барање до училиштето.

– Сите оние што сакаат да конкурираат за упис на факултет во странство, во училиштето поднесуваат писмено барање дека се откажуваат од жалба во Државниот испитен центар, која може да се поднесе во однос на првичните резултати и со тоа ги прифаќаат оценките од државната матура, кои веќе ги добиле по електронски пат. Дури тогаш ќе им ги издадеме дипломите, кои веќе се обработуваат и од понеделник на сите кои им требаат ќе им бидат достапни – објаснува Арсовски.

Ова ни го потврдија и од Бирото за развој на образованието, од каде што ни рекоа дека сета документација веќе е предадена во училиштата.

– За сите матуранти што сакаа да се запишат во странство, со барање од училиштето веќе им е поделена педагошката документација (дипломи, свидетелства, главни книги за државна матура) од Бирото за развој на образованието. Со барање до Бирото, исто така, се делат свидетелства и за другите ученици што сакаат да го продолжат своето образование во странство или за други итни потреби. Завршува и дистрибуцијата на дипломи и главни книги за сите матурантите до сите средни училишта – тврдат од Бирото.

Лидерот на Средношколскиот сојуз, Лука Павиќевиќ, за „Слободен печат“ вели дека ниту еден матурант не се пожалил на недостиг на потребната документација за упис на факултет, односно дека веќе ги имаат свидетелствата сите ученици на кои веднаш им се потребни, а дипломите ги очекуваат од понеделник.

Самостојниот синдикат за образование и наука неодамна обвини дека поради проблеми со тендерот за свидетелства, учениците што не се деветтоодделенци и матуранти, ќе мора да чекаат да ја добијат потребната документација, но од Бирото за развој на образование и наука ја демантираа оваа информација, истакнувајќи дека и порано се случувало свидетелства да се доделат подоцна и дека до крајот на летово сите ученици ќе ги добијат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот