Книгата содржи точно сто куси новинарски текстови

Од печат излезе „Амбиент“ – книга осма (2025-2026) на новинарот Зоран Иванов

Неодамна од печат излезе „Амбиент“ – книга осма (2025-2026) („lu-ping“) на Зоран Иванов, еден од бардовите на македонското новинарство. Приредувач, редактор и издавач и на оваа книга, како и на претходните „Амбиент“– 1, 2, 3, 3/1, 4, 5, 6 и 7 е Свето Стаменов, политиколог, поранешен новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист.

Осмата книга на „Амбиент“ фактички е природно продолжение на претходната седма книга, која беше објавена точно пред една година, или поточно континуитет на, како што вели самиот автор, „неговите континуитети од неговиот ‘Амбиент’ број 1 до овој ‘Амбиент’ број 8“; или, пак, уште поконкретно, на серијалот „Амбиент“, кој започна со „Амбиент“ – книга прва (1990-1994) и „Амбиент“ – книга втора (1995-1997), објавени во 1999 година, и кој продолжи со „Амбиент“ – книга трета (1997-2012), „Амбиент“ – книга 3/1 (2013-2015), „Амбиент“ – книга четврта (2018-2019), „Амбиент“ – книга петта (2019-2020), „Амбиент“ – книга шеста (2020-2024) и „Амбиент“ – книга седма (2023-2025), („една реченица“).

Серијалот „Амбиент“, што го реализира Свето Стаменов во изминативе дваесетина години, несомнено е своевидна три и полдецениска хронологија на македонските турбуленции во периодот од пред и за време на осамостојувањето на Македонија, транзициските премрежиња, егзистенцијалните, меѓуетничките, партиско-политичките турбуленции, како и нестабилните меѓународни позиции на државата. Содржини од оригинални авторски новинарски текстови на теми кои, сместени меѓу кориците на осумте Зоранови „Амбиенти“, го актуелизираат и ова време сегашно и она натаму идно.

Како и сите претходни, и оваа осма книга „Амбиент“ на Зоран Иванов е со своја специфика. Таа, всушност, е негов нов журналистички серијал објавуван на престижниот веб-портал „Нова тв.мк“ под генерален наслов „lu-ping“, кој содржи точно сто куси новинарски текстови – коментари посветени на актуелни случувања на домашната и на меѓународната сцена, објавени во периодот од 9 јануари 2025 година до 3 март 2026 година, како и три текста од неговата новоотворена рубрика „Post scrip-um“, исто така, на „Нова тв.мк“. Станува збор за куси, јасни, воедно продлабочено сложени текстови кои ги отсликуваат оригиналноста, острината, директноста и бескомпромисноста на авторовите ставови со времето и, особено, со возбудливоста што тие ја предизвикуваат кај читателот.

И во оваа осма, како и во претходните седум книги, Зоран Иванов останува актуелен, уникатно директен. Напати ироничен, но содржаен, покажувајќи ги ретката аналитичка дарба и неверојатниот сенс преку актуелните случувања да ги предочува и наредните неминовни процеси и настани.

Токму затоа, „Амбиент“ – книга осма (2025-2026) („lu-ping“) е уште еден уникатен одблесок на, сега веќе, пет и полдеценискиот новинарски опус на Зоран Иванов, бард на македонското новинарство, аналитичар, хроничар на денот и времето, журналистички епилог без крај.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 330, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот