Скопје, окомври 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Од ковид се „ослободиле“, умираат од последиците!

Лекувањето на пост-ковид пациентите, според доктор Докиќ, трае со месеци, и бара огромна нега. Станува збор за тешки пациенти кои официјално немаат ковид, но имаат тешки последици од него. Клиниката е изложена на голем притисок, бидејќи не се очекувало толку пациенти да имаат тешка клиничка слика.

Во земјава сè повеќе умираат пациенти кои не можат да се опорават од последиците на заболувањето со ковид долго после прележувањето на болеста. Пост-ковид симптомите се манифестираат како замор, неможност за дишење и разни други компликации.

Директорот на Клиниката за пулмологија д-р Дејан Докиќ за Слободен печат вели дека во моментот околу 60 проценти на оваа клиника се со последици од ковид, а некои од нив за жал, завршуваат фатално.

– Трите сценарија што ги гледаме во прологираното лекување се следните: Прво, по негативизирањето пациентите сè уште да имаат инфламаторен елемент во нив, односно да имаат недолекувани воспалителни промени. Тие се третираат со антибиотици и кортико. Второто сценарио е развивање на фиброза со многу потешки симптоми, па мора да се користи антифиброзна терапија и честопати има лоша прогноза. Третото сценарио е да развијат пулмонална тромбоемболија и во секој момент може летално да завршат поради затнување на крвен сад. Последици има и има и смртни исходи – вели д-р Докиќ.

На оваа клиника се препраќаат негативизирани пост-ковид пациенти од целата земја, кои, откако ќе ја прележат болеста, мора да одат на пулмологија на контрола. Поради ова, клиниката е многу оптоварена, особено со амбулантски прегледи. Лекувањето на пост-ковид пациентите според д-р Докиќ трае со месеци, бара огромна нега. Станува збор за тешки пациенти кои, иако официјално немаат ковид, сепак имаат тешки последици од него. Поради тоа клиниката е под голем притисок, бидејќи не се очекувало толку пациенти да имаат тешка клиничка слика.

– Пациентка која беше префрлена кај нас од Инфективната клиника и остана кај нас 40 дена, не можевме да ја опоравиме. Тешко дишеше, се обидовме да ја извадиме од неинванзивна вентилација, но не можеше ни да седне. Вежбаше со физиотерапевтот, но не успеа да се поврати.  За жал, заврши со смртен исход. Сакам да дадам предлози до министерот за здравство како да го решиме проблемот со капацитетите, бидејќи на ваков начин со овие пациенти се блокира целокупната работа на терцијарната установа. А ние по правило треба да дијагностицираме и да третираме и други болести, како карцином на бели дробови, астма, белодробни заболувања, а спречени сме да го правиме тоа зашто 60 отсто од капацитетите ни се зафатени од пост-ковид пациенти, додава д-р Докиќ.

Пациентите кои прележале ковид имаат проблеми со дишењето, го губат чувството за вкус и мирис, чувствуваат долготраен физички замор, имаат кардиоваскуларни и мозочни проблеми, заборавање, психички замор и депресија. Кај некои пациенти карактеристично е тоа што им опаѓа сатурацијата за кратко време. Пациентите што биле испишани од болница, па виделе дека состојбата дома не им се подобрува, се упатуваат на Клиниката за пулмологија. Потешките случаи се ставаат на неинванзивна вентилација, за да им се следи сатурацијата. Кога ќе се ослободат од маската за дишење, работат со физиотерапевт кој ги учи повторно како да дишат, како да искашлуваат, како да примаат инхалаторна терапија и земање спрејови за полесно дишење. Раната физикална терапија продолжува на Институтот за рехабилитација Козле.

Граѓаните кои прележале ковид се особено вознемирени од омикрон варијантата која во светски рамки се покажува дека го пробива вакциналниот имунитет и имунитетот од прележувањето на болеста. За нив, дополнителна инфекција би претставувала ноќна мора, со оглед на тоа што веќе се борат со изнемоштеност и компликации од првата инфекција. Државата ги води како оздравени, но овие пациенти и по една година не излегуваат од болничките лавиринти во обид да им се нормализира здравјето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот