Од буџетот му исплативме 1.000 евра трошоци на директор на училиште во Виница, зашто Обвинителството не докажа дека сертификатот по англиски од бугарското училиште „Јулија“ со кој станал директор е фалсификат
Уште еден директор со диплома по англиски од бугарското јазично студио „Јулија Цо. ЛТД“ спаси глава од обвинието за фалсификување исправа. Основниот суд во Виница и Апелациониот суд во Штип одлучија дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение дека неговата диплома по англиски била фалсификат, по што на директорот за трошоците во постапката исплатени му се над илјада евра. Станува збор за директор на училиште во Виница.
Препорачано
Јазичното студио „Јулија“ од Бугарија беше актуелно минатиот период затоа што две директорки (на училиште во Скопје и на болница во Дебар) беа осудени со признание на вина за исти такви дипломи од истото јазично студио дека им биле фалсификувани, а директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски исто така се соочи со проверка за неговиот сертификат од истото јазично студио и неговиот излезе дека не е предмет на кривично дело.
Пресудите до кои дојдовме откриваат дека директорот од Виница прво бил осуден со казнен налог, ама се жалел и на крајот Обвинителството не успеало да докаже дека дипломата по англиски е фалсификувана.
Не помогнало тоа што Обвинителството испратило полицајци од Бирото за јавна безбедност директно на адресата на јазичното студио „Јулија“ во Бугарија, да проверат дали таму има училиште за странски јазици ни тоа што тие ја посетиле адресата и констатирале дека таму училиште „Јулија Цо. ЛТД“ не постои.
За понискиот и за повисокиот суд тоа не е доказ дека дипломата по англиски со која човекот станал директор на училиште била фалсификувана зашто полицајците отишле во Бугарија да ја „бараат“ Јулија 9 месеци по издавањето на сертификатот на директорот. Според судот, можеби 9 месеци порано училиштето си постоело.
Судиите сметаат дека можеби 9 месеци претходно училиштето си постоело на адресата, иако на адресата имало адвокатска канцеларија и тие адвокати на македонските полицајци им тврделе дека од „Јулија“ таму нема ни трага ни глас.
На сертификатот по англиски со кој човекот станал директор, имало 75 бодови за положен ТОЕФЛ (Test of English as a foreign language) и пишувало дека обвинетиот редовно ги посетувал курсевите за напредно ниво онлајн 4 месеци преку работни сесии и практични работилници.
Обвинителката се обратила и во Америка, во единствениот испитен центар надлежен да кажува дали некој полагал или не полагал онлајн (централата за ТОЕФЛ), ама одговор не добила дали директорот навистина полагал англиски онлајн или не.
Имало уште еден интересен доказ што го доставиле бугарските власти кој бил потврда од Министерството за правда на Бугарија т.н. „удостоверение“. Тоа уверение било потврда од трговскиот регистар од која произлегувало дека фирмата до 2017 година уредно доставувала финансиски извештај за тековните години, додека за наредните години фирмата не поднесувала финансиски извештај туку декларација според која управителот давал заверена изјава дека „фирмата не обавувала дејност односно не остварувала никакви приходи“. Обвинителката тврдела дека ова е доста за да се докаже дека обвинетиот не посетувал обука во ова училиште и знаел дека сертификатот е фејк, но истата ја употребил за предметниот оглас.
Но, основниот суд Виница а после тоа и Апелација Штип обвинетиот го ослободија од обвинение за кривично дело „фалсификување исправа“ и напишаа во првостепена и во второстепена пресуда дека обвинителот не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетиот го сторил ова кривично дело.
Сертификатите по англиски од „Јулија“ во Пловдив Бугарија, со кои беа преплавени директорските портфолија во македонските меѓу другото и образовни институции, беа повод владата да ги задолжи Министерствата да ги сменат законите. Владата наложи помеко полиглотско решение – за директор да не се бара исклучиво сертификатот по англиски, туку да може да „помине“ и обична потврда за посетување на курсот.
Владината одлука беше донесена во исто време додека Министерството за внатрешни работи истражуваше 500 јазични сертификати на македонски функционери на државни јасли, под сомнеж дека се фалсификати. Јазичното студио „Јулија“ го избриша Фејсбук профилот уште веднаш кога станаа сензација во Македонија под сомнеж дека се дистрибутери на фалсификувано знаење.
Во Скопје пак, со признание на вина, две директорки беа условно осудени за фалсификување исправа – сертификат по англиски од јазичното студио „Јулија“ во Бугарија. Едната е екс-директорка на дебарската болница, а другата е екс-директорка на училиште во Драчево.


