Обвинителството му влезе во трага на „свиркачот“ на Хајрулахи
Скопското јавно обвинителство има одредени индиции за лицето што ја снимало новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Симоновска, соопшти Јавното обвинителство откако снимка на новинарката и нејзиниот извор беше објавена на национална телевизија, а ја предаде шефот на вишото скопско јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи кој сега е веќе суспендиран.
-Се преземаат дејствија за обезбедување докази во поглед на идентитетот и мотивите за снимањето, по што исто така јавноста ќе биде известена. Особено е загрижувачки што предмет на следење и снимање била и ќерката на државниот јавен обвинител, што претставува посебна форма на притисок врз работата на обвинителот, велат од Обвинителството.
Инаку Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски ги отфрли сите наводи за притисоци за коишто денеска повторно на прес-конференција обвини Хајрулахи.
-Јавниот обвинител на Република Северна Македонија веќе ги отфрли сите наводи за притисоци во предмет во кој веќе е донесена одлука од надлежен јавен обвинител. Својството на оштетен во постапките не го дава обвинителството, туку законот. Јавниот обвинител очекува дека јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје кој веќе подолг временски период го разгледува предметот ќе постапи и ќе си одлучи во согласност со законот. Против јавниот обвинител Хајрулахи, кој воопшто не е надлежен јавен обвинител во предметот за бонусите во СЈО, се води истрага за конкретни кривични дела. Одлуката за негово оддалечување е донесена бидејќи доколку тој продолжи да ја извршува функцијата, тоа штетно ќе се одрази на раководењето и постапувањето по предметите на Вишото јавно обвинителство Скопје, соопштија од ЈО.
Вчера Обвинителството соопшти дека против Хајрулахи е поднесена кривична пријава од страна на група вработени за малтретирање и за злоупотреба на службената положба. Истрагата ја води штипското обвинителство, а додека трае Хајрулахи е суспендиран.