Суспендираниот Хајрулахи најде изговор и за пријавата за малтретирање – вработените ги инструирала обвинителка која сакала да го заземе неговото место
Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски со моето отстранување има тенденција да ги заплаши и другите колеги кои постапуваат согласно законот со цел да се донесат нарачани одлуки. Со вакви тврдења на прес-конференција излезе шефот на вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи откако беше суспендиран и беше соопштено дека против него се води истрага.
Препорачано
Тој излезе со истите тези дека Коцевски му врши притисок откако во Обвинителството кое беше под негово раководство го „воскресна“ предметот за бонусите што ги земале поранешните јавни обвинители во поранешното Специјално јавно обвинителство.
Иако и претходно се пишуваше, Обвинителството вчера соопшти дека група вработените во Виштото јавно обвинителство поднеле кривична пријава против шефот за малтретирање, а претставка за мобинг против него беше поднесена уште во септември до Советот на јавни обвинители, но и до Републичкиот јавен обвинител.
Иако поплаките за мобинг биле поднесени уште пред да има било каков надзор над работата на Вишото јавно обвинителство, Хајрулахи најде изговор и за овие претставки и пријави. Според него, поплаките од вработените и претавката за мобинг биле инструирани од една обвинителка во Вишото јавно обвинителство која сакала да го заземе неговото место и му правела сопки.
-Дали може да се создаде слика за институција од четворица вработени, кои дојдоа кај мене и кажаа „обвинителе ние сме инструирани, излажани и тоа се прајви тенденциозно затоа што ни кажаа дека ќе ве разрешат вас и ќе дојде на вашето место обвинителка од Вишо обвинителство, рече Хајрулахи.
На нашето прашање дали Хајрулахи обвинува дека позади ова стои обвинителката Фатиме Фетаи, Хајрулахи не демантираше, само кратко одговори „ќе дознаете“.
Јавното обвинителство завчера јасно соопшти дека кривична пријава против Хајрулахи имаат поднесено група вработени во скопското Вишо обвинителство, сепак Хајрулахи прво рече дека кривичната пријава била поднесена од републичкиот јавен обвинител, а потоа кога беше соочен со прашањата дека пријавата е од група вработени рече дека не знае кој ја поднел пријавата и дали пријавата е заснована на претставката за мобигн што била поднесена до Советот на јавни обвинители.
Кривичната пријава инаку ја работи штипското јавно обвинителство.
-Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против јавен обвинител за кого постои основано сомнение за сторено продолжено кривично дело – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик. Кривичната пријава против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип. Во текот на истражните дејствија преземени од штипското обвинителство се добиени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение и за дејствија на злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти Обвинителството, а републичкиот обвинител го суспендираше додека трае истрагата против него.
Хајрулахи и вчера продолжи да ги повторува истите тези дека републичкиот обвинител врши притисок врз него поради предметот за „бонусите“ на СЈО и дека тоа е причината за надзорот што го вршеа тројца обвинители во Вишото обвинителство.
Но, денеска во јавноста сакаше главна да биде тезата дека ќерката на јавниот обвинител изнесувала материјали од Вишото јавно обвинителство и повторно не виде ништо спорно некој ја снимал новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Симоновска, а тој лично ги однесе снимките во национална телевизија каде беа објавени. Се вадеше на тоа дека снимката била замаглена и покрај бројните новинарски прашања дека со објавувањето на снимките ги заплашува новинарите и нивните извори и ја поткопува демократијата.
Прво рече дека „свиркачот“ кој му ги доставил снимените разговори му кажал дека лицето кое ги доставува информацвиите односно лицето кое ја доставува папката до медиумот е ќерка на обвинителот Коцевски, а потоа на прашање кој му ги доставил снимките тврдеше дека ни тој не го знае, дека бил анонимен укажувач.
Како што кажа и Коцевски и Хајрулахи потврди дека на 19 септември Републичкиот јавен обвинител го повикал кај него во канцеларија, но не само за тоа што се жалеле вработеноите за меѓучовечките односи, туку му кажал дека Вишото јавно обвинителство за бонусите на СЈО треба да донесе одлука со којашто ќе се потврди првостепеното решение на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и дека не треба на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да и се даде својство на оштетен во опваа постапка.
Хајрулахи, според неговите тврдења реагирал на ова дека не би се дрзнал да му наредува на јавните обвинители како да постапат. Тогаш, Коцевски, според тврдењата на Хајрулахи му спомнал дека имало поплаки од вработени во Вишото јавно обвинителство, но дека и самиот Коцевски тврдел дека претставката што стигнала до него е несериозна и дека за тоа треба да се одлучува во граѓанска постапка.
По притисокот за предметот со „бонусите“ на СЈО, според кажувањата на Хајрулахи, Коцевски наредил надзор над Виштото обвинителство, а двајца од тројцата обвинители, коишто го вршеле надзорот, според него не требало да бидат дел од овој тим.
Обвинителот Елвин Вели, затоа што претходно му бил заменик и обвинителката Лиле Стефанова, затоа што таа порано била дел од поранешното СЈО. Извештајот за Вишото јавно обвинителство требало да биде готов деновиве, но не бил предаден, затоа што двајца од тројцата обвинители што правеле надзорот не сакале да се потпишат на него.
Обвинителот Коцевски пак јавно на прес конференција кажа дека „хајката“ против него од страна на Хајрулахи почнала кога била наредена контрола во Вишото јавно обвинителство и јавно кажа дека нема да подлегнува на притисоци и да се повлече од функцијата.
Ревизијата на бонусите на обвинителите од Специјалоното јавно обвинителство беше дел и од програмата ан ВМРО-ДПМНЕ, а предметот повторно беше отворен непосредно по нивното доаѓање на власт.
На нашето прашање, дали го охрабруваат изјавите на премиерот Христијан Мицкоски кој го критикува обвинителот Коцевски, Хајрлуахи одби да коментира.
-Не би сакал да давам политичка конотација на целата ситруација, рече Хајрулахи.
Предметот за „бонусите“ на СЈО, го води обвинителот Јово Цветановски. Тој и беше заменик на обвинителката Гордана Гешковска во скопското јавно обвинителство, а потоа беше избран за виш обвинител. Беше и еден од обвинителите против кого беше отворена и дисциплинска постапка за упадот во Собрание на 27 април.
На прашањето дали Цветановски претендира да биде нов републички јавен обвинител, Хајрулахи рече дека тоа треба тој да каже.


