Обвинителството бара максимална казна за убиецот на Ангел Петковски

Убиството на Ангел Петковски се случи на 19 мај 2014 година во населбата Ѓорче Петров. Инцидентот започна со кражба на велосипед од страна на Насер Ештрефи од скопското село Грчец.

Со завршни зборови од Обвинителството денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот со убиството на Ангел Петковски. При завршните зборови, застапникот на обвинението, Дарко Јакимовски, рече дека ништо не е сменето по реконструкцијата на настанот што се одржа на 4 март.

– Треба ли да поверуваме дека секое лице коешто се дрзнало да одземе подвижна ствар, во присуство на сопственикот, во сопствениот двор, заклучен со рајбер, знаејќи дека е виден, ќе му биде се исто, нема апсолутно да води сметка дали ќе биде затекнат понатаму, фатен од сопствениците или пак надлежните органи, кажа обвинителот.

Тој дополни дека дали убиениот имал намера да убива или не, не се оценува со неговите зборови, туку само со неговите постапки. Според него, позицијата и начинот на кој обвинетиот делувал и ја нанел смртоносната рана, несомнено кажува дека имал преглед на ситуацијата и знаел што прави.

– Кој прв почнал и кој имал право да се брани се околности испитани од секој можен правен аспект, кажа обвинителот.

Дополни дека ова не е филмска фикција ниту, пак, настанот може да поприми митолошки особености.

-Ако доказите водеа кон поинаков заклучок, независно од болката на родителите на сега покојниот и неговиот брат, моја професионална должност, а и секако ваша, е работите да ги утврдувате онака како што биле, а не само поради голиот факт дека во настанот има жртва, кажа обвинителот.

Сите околности на случајот и доказите, според обвинителот, покажуваат дека во ситуации кога обвинетиот веднаш го прободел сега починатиот, не скривено со ништо претходно, правото на одбрана, нужна одбрана, преминува на сега покојниот, и сведокот Сашо Петковски, бидејќи, како што кажа, пред нивни очи одеднаш се случува тоа дејствие.

-Во таква ситуација, бидејќи несомнено постои истовременост, обвинетиот и понатаму замавнувал со нож и го засекол повторно сега покојниот, апсолутно е ирелевантно дали еднаш дали, дали два пати, дали пет пати го удирал со стап, затоа што правно овластување за тоа има, токму во овој институт, сведокот Сашо Петковски, кажа обвинителот.

Личните прилики на обвинетиот, како што кажа обвинителот на крајот од завршните зборови, се осамена олеснувачка околност, никакви олеснувачки околности не постојат, гледајќи го најважното при проценката, а тоа е во поглед на околностите под кои е сторено делото.

-Особено предвид на фактот што придонесот на жртвата несомнено се утврди дека не постои, и истиот не скривено се довел до ситуација судбината на неговиот живот да заврши на последната скала пред Европската очна болница, кажа на крајот обвинителот.

Бранителот на оштетените во целост се придружи кон завршните зборови на обвинителот, а за реконструкцијата кажа дека единствено верзијата на сведокот Сашо Петковски е веродостојна, по однос на хиерархијата на настанот и динамиката на случување.

-Ангел во конкретната ситуација со ништо не придонесе да го предизвика обвинетиот, за тој да посегне по својот нож и ладнокрвно да го забие во телото на Ангел. Обвинетиот од одземање на имот се префрли на одземање на живот за кое нешто оправдување не постои, кажа бранителот  на оштетените кој побара максимална казна предвидена согласно закон, со цел да се обезбедени генерална и специјална превенција од сторување на вакви дела.

Убиството на Ангел Петковски се случи на 19 мај 2014 година во населбата Ѓорче Петров. Инцидентот започна со кражба на велосипед од страна на Насер Ештрефи од скопското село Грчец.

Обвинетиот Насер Ештрефи, претходно, со одлуката на Основниот кривичен суд Скопје, потврдена од скопската Апелација, беше осуден на 14 годишна затворска казна. Одлуките ги укина Врховниот суд и судењето против обвинетиот Ештрефи беше вратено на повторно одлучување.

Случајот го води судијката Судија Диана Груевска Илиевска. Денешното судење продолжува со завршните зборови на одбраната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот