Обвинетиот полицаец со чиј пиштол беше застрелана Фатмата, не се појави во судница

Игор Марков, полицискиот службеник обвинет за тешки дела против општата сигурност, за случајот во кој на границата кај Гевгелија загина мигрантката Фатмата Камара од Сиера Леоне, денеска не се појави во судница.

Неговиот бранител, адвокатот Антонио Апостолски рече дека немал контакт со својот клиент пред рочиштето, а дека вториот бранител на полицаецот Марков, ангажиран преку Полицискиот синдикат, Александар Тумановски бил ангажиран околу друг предмет, односно случајот со клиниката „Жан Митрев“.

Поради тоа што не беа исполнети законските претпоставки за одржување на главната расправа, судијата Ненад Савески ја одложи за декември.

Во судница се појави Абу Бакар, сопругот на младата Фатмата, кој во Македонија после инцидентот остана и побара азил, за преку судските инстанци да бара правда за својата сопруга. За него беше обезбеден судски превод на англиски јазик, но за следното рочиште судот побара од Министерството за правда, ако има во државата, да дојде судски преведувач кој знае крио јазик, што е мајчин јазик на Абу Бакар. Ако не се најде таков преведувач, преводот ќе биде на англиски јазик.

Во судница беа и адвокатите на оштетените, Глигор Ќатоски и Павлина Зефиќ. Присутни беа и претставници на грчката организација „Second Tree“ која работи во бегалските кампови во северниот дел на Грција, а кои на македонската јавност ѝ ја претставија Фатмата со нејзината човечка димензија, опишувајќи ја како млада, енергична девојка со аспирации за иднината да им помага на девојчињата и во добар долг брак со својот сопруг Абу Бакар со кого се знаеле од деца и живееле куќа до куќа.

Полицискиот службеник кој ја застрела мигрантката Фатмата Камара од Сиера Леоне, по што таа почина во болницата во Гевгелија е обвинет за тешки дела против општата сигурност.

Според Обвинителството, тој се впуштил во борба со возачот на автомобилот кој ги пренесувал мигрантите, иако знаел дека во раката држи службено оружје полно со муниција, со кое можеле да бидат загрозени животите и сигурноста на целата група мигранти и при борбата испукал од службениот пиштол.

Куршумот ја погодил Фатмата Камара од Сиера Леоне, која седела на задното седиште во возилото, нанесувајќи ѝ повреди вo задниот дел на десното рамо, по што како резултат на здобиените повреди мигрантката починала откако била пренесена во ЈЗУ Општа болница Гевгелија. Трагичниот настан се случи на 19 април годинава во раните утрински часови кај местото викано „стара касарна“ во Гевгелија.

Полицискиот службеник Игор Марков бил раководител на смена кога бил известен дека група мигранти илегално ја преминале државната граница. Полициските службеници се поставиле во близина на објектот во изградба, кај поранешната касарна во Гевгелија. Откако во дворот на касарната биле забележани две возила во движење, марка „Форд Фокус“ и „Мерцедес“, полицаецот Марков издал наредба на двајца полициски службеници да се упатат кон главниот влез на касарната, додека тој тргнал кон групата мигранти. Кога Марков се приближил на околу 50 метри зад возилото „Форд Фокус“, го забележал сега осудениот шверцер на мигранти, како излегува од возилото.

Во меѓувреме, групата мигранти се затрчала кон „Мерцедесот“, а обвинетиот откако им дал звучен сигнал од неговото возило, се упатил кон нив со цел да го уапси вториот осуден шверцер на мигранти, кој во тој момент ги прифаќал мигрантите туркајќи ги и обидувајќи се што повеќе од нив да смести внатре во возилото. Марков во два наврати го предупредил криумчарот со зборовите „Стоп, полиција“, но тој не послушал ниту еднаш. При второто предупредување, Марков го држел службениот пиштол во рацете, но и тоа било безуспешно и почнала пресметката.

Според Обвинителството, иако знаел дека може да реагира и со тоа свесно да го доведе во ризик животот и телото на останатите присутни, обвинетиот Марков му се приближил на криумчарот, кој наеднаш се свртел и се втурнал во обвинетиот, замавнувајќи со десната рака кон вратот на обвинетиот, по што се нафрлил врз него обидувајќи се да му го одземе пиштолот.

Откако живееле во грчки бегалски камп и им беше одбиен азил, Фатмата и Абу Бакар заминале од Грција во Македонија каде Фатмата беше убиена. Сопругот на Фатмата, Абу Бакар тврди дека врескал, повикувал помош и барал да биде однесен во болница со сопругата која веќе умирала.

Но, бил приведен и според неговите зборови, полицијата му понудила да го одведат и да го пуштат на српската граница за сам да го продолжи патувањето. Тој одби и сега бара азил во Македонија за да ја бара правдата за својата сопруга во македонските судови.

Двајцата шверцери на мигранти инволвирани во случајот се осудени на затворски казни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот