Новиот средношколски лидер стана цел на политички препукувања

Лука Павиќевиќ - нов претседател на средношколскиот Сојуз

Веднаш откако победата на Лука се обелодени во јавноста, реагираа другите средношколски организации, првенствено Средношколски глас, од каде сметаат дека во неговиот избор е вмешана лично министерката з аобразование, Мила Царовска.

Средношколецот Лука Павиќевиќ од 10 јуни ќе биде нов лидер на Средношколскиот сојуз, функција која досега ја извршуваше матурантот Бленди Ходаи. Павиќевиќ беше избран со 69 отсто од вкупниот број на гласови од средношколците.

– Ние на 24 април отворивме Јавен повик за избор на претседател во Сојузот на средношколци, според строго одредени критериуми кои мора да ги исполнува кандидатот, а кој треба да биде пријавен шест месеци пред да се изврши изборот. Пријавени беа двајца кандидати, Лука Павиќевиќ и Емира Хусовиќ, кои ги презентираа нивните манифести, односно програмите што треба да ги исполнат доколку се избрани како лидер на средношколците. Лука доби 69 отсто од гласовите – вели актуелниот претседател на Сојузот, Бленди Ходаи за „Слободен печат“.

Веднаш откако победата на Лука се обелодени во јавноста, реагираа другите средношколски организации, првенствено Средношколски глас, од каде сметаат дека во неговиот избор е вмешана политика.

„Ако ова е изборот на Мила Царовска за претседател на средношколците ѝ благодариме што повторно ни докажа дека во оваа држава правда нема. Не задушувате со партија, ни ја убивате желбата да бидеме подобри ученици, ја понижувате интелегенцијата на нашите родители!“, се вели во реакцијата на Средношколски глас.

Од друга страна, пак, Ходаи вели дека Сојузот на средношколци е независна организација и ги отфрла обвинувањата за политички влијанија врз изборот на новиот средношколски лидер.

– Жал ми е за нив, бидејќи очигледно немат став, немат аргументи и немат глас иако се нарекуваат Средношколски глас. Тие зборуваат само што им кажуваат одредени луѓе во нивните политички партии. Сојузот е единственото средношколско движење што не е партизирано и нема да биде – потенцираше Ходаи.

Од Министерството за образование демантираат вмешаност во изборот на претседател на средношколците и посочуваат дека Сојузот е независно ученичко движење.

– Не сме вмешани во изборот на Лука Павиќевиќ за нов лидер на Средношколскиот сојуз. Сојузот е независно ученичко движење. Граѓанските организации се наш партнер во унапредувањето на политиките за учениците и за младите и, како и досега, со нив ја продолжуваме успешната соработка – велат од МОН за „Слободен печат“.

Кон обвинувањата на Средношколски глас деновиве се придружија и родители, како и воспитувачката Драгана Спасевска од иницијативата „Учебници и настава мора да има“.

„Средношколци со вас сме! Нема предавање! Ако нив им се поважни европските пари, нам ни се поважни децата и иднината на нашите деца!“, коментира Спасевска, давајќи му ја својата поддршка на Средношколски глас.

И други родители кои се дел од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ сметаат дека МОН имало влијание врз изборот.

„Тоа е нивно дете, не се станува така лесно претседател“, „Мила оди си“, „заробена држава“, „средношколците треба сами да си изберат лидер, а не вака“, се само дел од коментарите на родителите.

Лука Павиќевиќ пак, пред да биде избран за претседател, најпрво ја извршуваше функцијата на советник, а потоа беше и генерален секретар на Сојузот на средношколците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот