Новиот роман на Сашо Кокаланов ќе има промоција на ФДУ

Покана за промоцијата на романот „Среќните луѓе не слават родендени“

Издавачката куќа „Или-или“ на 12 јануари (петок) во бифето на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, од 19 часот, ќе го промовира романот „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов. За романот ќе зборуваат Сашко Насев и Стојан Синадинов.

Романот „Среќните луѓе не слават родендени“ е семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, инспирирана од вистинска приказна и претставува краток, згуснат книжевен запис кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот. Романот во својот поднаслов не крие дека е роден како сценарио за филм, а потоа при метаморфозата авторот намерно настојува четивото да си го промени крзното, но не и ќудта.

– Динамиката на романот е повеќе од очигледно филмска. Описите се онолку детални колку што е потребно за да може природно убедливо, но и вехементно да бидат визуелизирани од читателот, а дејствието и сликите се менуваат – ајде да ја избегнеме фразата „како на филмско платно“ и да бидеме уште попрецизни – така што ќе му понудат привид на гледање филм снимен во еден кадар. Можеби оттука и одлуката на авторот приказната да ја раскаже во еден пасус, во еден здив, со „претопи“ на фокусот од еден кон друг лик, изведени на еден иновативен јазичен манир – во една иста реченица – истакнуваат од „или-или“.

Сашо Кокаланов е писател, сценарист, драмски писател, сатиричар, новинар. „Среќните луѓе не слават родендени“ е негов шести роман. Работи како професор по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје.

Во рамките на истата вечер ќе биде претставен и бугарскиот издавач и книжевен критичар Пламен Тотев, известија од „Или-или“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот