Нови еколошки автобуси на улиците во Скопје од април 2020, цената на билетот останува иста

За најмногу седум месеци од денеска низ Скопските улици ќе сообраќаат 33 нови еколошки автобуси со погон на метан, за што градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов потпиша договор со компанијата МАН.

Станува збор за 21 единечни автобуси, со капацитет за 85 патници и 12 зглобни автобуси со капацитет за 149 патници.

Придобивките од новите автобуси се како еколошки, така и финансиски.

– Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот. Еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво. Најголемата предност е тоа што емитуваат значително помалку ЦО2 што речиси воопшто не го загадуваат воздухот, рече денеска Шилегов.

Новите автобуси  ќе ги заменат најнееколошките, и тие ќе бидат први кои ќе бидат отстранети од возниот парк на ЈСП.

Цената на автобускиот превоз во Скопје независно од набавката на новите автобуси ќе остане непроменета.

– Цената е ниска, и е соодветна за стандардот на граѓаните. Секоја година Градот издвојува 8 милиони евра дотации за помош на ЈСП, бидејќи со сегашната цена на билетот претпријатието не е во можност да ги покрие трошоците, но не планираме корекции на цената, рече Шилегов.

Според директорот на ЈСП Скопје, Кристијан Чушков. Редовното одржување на автобусите во гарантниот период од три години е една од најзначајните карактеристики на целокупната набавка.

„ Да истакнам дека во новите автобуси ќе има можност за валидација на најмалку две места во возилото, што исто така ќе придонесе за побрз проток на патниците при влез/излез во возилото“ – истакна Чушков.

Ваков тип на екоавтобуси веќе се дел од јавниот превоз на Норвешка, Унгарија, Шпанија и Полска, а според директорот на МАН Марио Фабек, набавката на новите автобуси ќе придонесе за зголемување на квалитетот на живот во Скопје.

Градот одлуката за набавка на ваков тип автобуси ја направи по извршеното тест возење во текот минатата година кога низ Скопје пробно сообраќаа 3 различни модели на автобуси на гас и еден електричен автобус од различни производители, вклучувајќи го и автобусот од MAN којшто според патниците беше најдобро оценет и најсоодветен за јавниот сообраќај во Скопје.

Парите за автобусите се обезбедени преку Договорот за користење заем од ЕБОР во висина од 10 милиони евра, кој беше потпишан во јануари годинава. Со тие пари плус со 1,8 милиони евра од сопствено учество на ЈСП „Скопје“ треба да се набават околу 35-те нископодни (зглобни и моно автобуси).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот