Новата зора на Блискиот Исток е далеку од траен мир

Ал Халифа, Нетанјаху, Трамп и Ал Нахјан на церемонијата во Белата куќа EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Повеќето арапски земји со децении го бојкотираа Израел, па дури и војуваа со него, истакнувајќи дека би можеле да ги нормализираат односите со еврејската држава само ако го реши спорот со Палестинците.

Како „зора на новиот Блиски Исток“ американскиот претседател Доналд Трамп го опиша историскиот договор на нормализирање на односите на Израел со две мали, но богати арапски земји од Персискиот Залив – Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху и министрите за надворешни работи Абдула бин Зајед ал Нахјан и Абдулатиф ал Зајани свечено го потпишаа договорот во Белата куќа во Вашингтон, крунисувајќи важен предизборен дипломатски успех на Трамп, со чие посредство беше постигнат договорот.

Емиратите и Бахреин се третата и четвртата арапска земја од регионот што го признале Израел по основањето во 1948 година. Трамп изрази надеж дека и други блискоисточни земји ќе го следат примерот, но договорот итно и жестоко го осудија Палестинците, оценувајќи го како предавство. Повеќето арапски земји со децении го бојкотираа Израел, па дури и војуваа со него, истакнувајќи дека би можеле да ги нормализираат односите со еврејската држава само ако го реши спорот со Палестинците.

– По повеќедецениски поделби и конфликти, ја одбележуваме зората на нов Блиски Исток. Тука сме ова попладне за да го смениме текот на историјата – изјави Трамп на свеченоста во Белата куќа.

Пресвртница или предавство

И израелскиот премиер Нетанјаху ги оцени како „историска пресвртница“ документите наречени „Абрахамови“ и изрази надеж дека новата мировна иницијатива под покровителство од Вашингтон „има потенцијал да стави крај на арапско-израелскиот конфликт“.

Но, од Блискиот Исток веднаш пристигна одговор дека мирот сѐ уште е далеку. Палестинскиот лидер Махмуд Абас изјави дека само повлекувањето на израелските трупи и доселеници од окупираните територии може да донесе мир во регионот. Палестинските милитанти, пак, реагираа со стрелање две ракети од Појасот Газа врз Израел токму додека траеше свечената церемонија во Вашингтон.

Египет и Јордан до завчера беа единствените арапски земји во соседството што официјално го признале Израел. Египет потпиша мировен договор во 1978 година, а Кралството Јордан во 1994 година. Северноафриканската земја Мавританија, уште една земја од Арапската лига, воспостави дипломатски односи со Израел во 1999 година, но ги прекина сите врски во 2010 година. Малку е веројатно дека Кралството Саудиска Арабија, политички и воено најмоќната и највлијателна арапска земја, во скоро време би можела да го признае Израел, но фактот што Емиратите и Бахреин го потпишаа договорот сведочи дека омекнало влијанието на Ријад.

Ловци за Емиратите

Деталите од договорот сѐ уште не се објавени, но се знае дека ќе бидат отворени амбасади, ќе бидат отворени комерцијални врски и ќе бидат воспоставени сообраќајни канали. За малите заливски земји особено се важни отворањето на трговските потенцијали. Богатите и амбициозни Емирати, кои огромните резерви петродолари ги инвестираа во оружје, но и во трговски и туристички капацитети, ќе можат да ја надградат основата. Обединетите Арапски Емирати добија ветување од САД дека ќе добијат најмодерни оружја – пред сѐ авиони „ф-35“ со стелт технологија и „еа-18г граулер“ за електронско војување. Модерните оружја Емиратите веќе ги користеа во Либија и во Јемен, но главната улога им е заштита од потенцијално најголемиот непријател – Иран. Од персиската држава стравува и Бахреин, бидејќи Иран до 1969 година го сметаше ова мало кралство за своја територија.

Израел, од друга страна, ќе го разлабави обрачот од непријателски настроени арапски соседи. Нетанјаху верува во стогодишната стратегија „Железен ѕид“, според која моќта на Израел со време ќе ги убеди Арапите дека немаат друг избор освен да го признаат нејзиното постоење. Цената за овој успех краткорочно ќе биде излевање на бесот на палестинските милитанти во регионот.

Протести и ракети

Палестинците единствено и категорично ги оценија Абрахамовите договори како предавство. И умереното раководство на чело со Абас, кое е на власт на Западниот брег, и милитантното на Хамас во Појасот Газа, сметаат дека договорот го охрабрува Израел да ја прошири и продлабочи окупацијата на палестинските територии, со цел во конечниот мировен договор да анектира големи површини, особено во Ерусалим. Принцот од Абу Даби, Мохамед бин Зајед ал Нахјан, изјави дека Израел се согласил да престане да анектира палестински територии, како услов за потпишувањето на договорот, но Нетанјаху не го признал тоа отворено.

Часови пред потпишувањето на договорот, стотици Палестинци масовно демонстрираа во Наблус и Хеброн, како и во Газа, а беа најавени и протести во Рамалах. Во Газа демонстрантите газеа и палеа транспаренти со фотографии на Нетанјаху, на бахреинскиот крал Хамад бин Иса Ал Калифа, и на принцот Мохамед бин Заед ал Нахијан. Израелските власти објавија дека токму во моментите на потпишувањето од Газа биле истрелани две ракети врз израелска територија, но нема информации за жртви и за штета.

Поени за Трамп

Договорот го загрижува и Иран, кој освен економскиот притисок од САД сега е соочен и со стратегиски. Иран е далеку од воздухопловните бази на Израел, но сега се отвора можноста Израел да ги користи базите во Обединетите Арапски Емирати, кои се многу поблизу.

Конечно, потпишувањето на договорот во исто време е и најзначајниот дипломатски успех на администрацијата на претседателот Трамп, кој во првиот мандат водеше изразена произраелска политика. Трамп реши да ја префрли амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим, а потоа за таков потег убеди и низа други земји, се до Србија и Косово. Трамп е убеден дека таквата политика ќе му донесе поддршка од проеврејските, но и од евангелистичките гласачи во САД на денот на изборите на 3 ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот