Новата книга на Владо Јаневски е наменета за младата публика, но и за возрасните

Наскоро од печат ќе излезе најновото книжевно остварување на Владо Јаневски. Авторот ѝ е познат на читателската публика со романи за возрасни, но овојпат се работи за илустрирана книга за деца, која ќе биде објавена од издавачката куќа „Стрип Квадрат“ од Скопје.

– „Палавковците Влатко и Емче“ е книга за сите непораснати и пораснати деца, која плени со ведрината на својата содржина. Низ куси умно-хумористични епизоди го следиме растењето не само на Владо и Емче, туку и на нивните родители. Една од важните работи во развојот на секое дете, а која често сe заборава, е токму хуморот. Cмислата за хумор е добар показател за степенот на развиеност на когнитивните способности, особено на имагинацијата и користењето на јазикот. За да се постигне тоа, на децата им е потребна социјализација – општење и споделување искуства со други деца и возрасни преку што учат и почнуваат да ги препознаваат логичките грешки и апсурдноста – посочува авторот.

Иако првенствено наменета за деца, книгата „Палавковците Влатко и Емче“ е подеднакво интересна и за возрасните, кои ќе се насмеат кога ќе ги препознаат ликовите и ситуациите со кои често се сретнуваат во секојдневниот живот. Јаневски е автор и на текстот и на илустрациите, а резултатот е динамична и жовијална книга позитивно оценета и препорачана за објавување од рецензентите Владимир Мартиновски и Маја Петрушевска.

Владо Јаневски е писател, сликар, илустратор, стрип-уметник, светски патник и до неодамна активен на полето за истражување и развој во водечка светска компанија. Роден е во Македонија, каде завршил високо образование на УКИМ во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 167, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот