Нова поштенска марка ќе биде промовирана по повод јубилејот 50 години Кинотека на Македонија
По повод значајниот јубилеј – 50 години постоење на Кинотека на Македонија, на 8 април 2026 година, во просториите на Кинотеката, со почеток во 12:00 часот, ќе се одржи свечена промоција на нова поштенска марка, изработена од авторот Лазе Трипков.
Препорачано
На настанот ќе се обратат директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, директорот на Поштенски сообраќај во АД Пошта, Бојан Кереместевски, како и раководителот на Архивот на Кинотеката, Игор Старделов.
На 29 април 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотеката на Македонија. Официјално, Кинотеката ја започнува својата работа во 1976 година, како институција од посебен интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.
Со цел да се реализира вака дефинираната дејност, Кинотеката на Македонија комплетно е финансирана од Министерството за култура при Владата на Република Македонија.
Во 2005 година Кинотеката се пресели во нови простории на ул. „Никола Русински“ бр.1. Архивските материјали, односно целокупната македонска филмска продукција (од 1905 година до денес), како и филмовите снимени од странски автори во Македонија во периодот до Втората светска војна, се чуваат во посебен оддел, во депоа со контролирана температура од 4 до 6 C° и влажност од 50% Ph. Останатите филмски материјали се наоѓаат во кинотечните депоа во околината на Скопје.
Во Кинотеката на Македонија постојат два сектора. Филмски архив или Сектор за прибирање, заштита, чување и обработка на филмови и филмски материјали и придружна филмска документација, како и Сектор за истражувачка, издавачка, јавна и меѓународна дејност, библиотечна дејност и филмска програма.
Кинотеката на Македонија располага со фонд од над 15.000 филмски копии, повеќе од 72.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, како и повеќе од 100.000 пишувани документи. Во состав на Кинотеката е и специјализираната библиотека со над 4.500 книги и списанија за историјата и теоријата на филмот, како и 32.500 прес-клипинзи. Кинотеката располага и со колекција на стари кинематографски апарати.
Кинотеката е членка на Меѓународната федерација на филмски архиви (FIAF), Европската асоцијација на кинотеки (ACE) и на асоцијацијата „Europa Cinemas“.


