Нова книга на „Паблишер“ е психолошкиот роман „Тишина“ од Јелена Никодиноска Чаповска

Фотографија: Јане Темелковски

Романот „Тишина“ од Јелена Никодиноска Чаповска е новиот наслов што излезе во издание на „Паблишер“. Станува збор за дело со кое авторката го почнува својот пат во книжевноста.

Претходно има објавено неколку есеи и преводи во книжевното онлајн списание „Блесок“. Особено големо влијание врз нејзината проза имаат оставено студиите на факултетот Париз III Нова Сорбона, како и Тексашкиот универзитет во Остин (САД), каде ги заокружила магистерските студии по англиски јазик и книжевност.

Во „Тишина“ се провлекува темата на мајчинството. Преку анализа на комплексните психички состојби на човечката природа што му се случуваат на поединецот по доживеана траума, се отвораат содржини што сè уште се премолчуваат во нашето општество. „Тишина“ е силен емотивен роман што може да ви ги промени ставовите, а на многу жени може да им го промени и животот.

– Дебитантскиот роман „Тишина“ од Јелена Никодиноска Чаповска е потресна приказна за мајка што си го губи своето неродено бебе. Така, in medias res, почнува овој психолошки роман. Почнува со моќна детално опишана сцена, која кај читателот буди длабока емпатија што може да се манифестира на различни начини: како сочувство, како тага, болка, како непријатно чувство, телесна неугодност, страв до изнемоштување. Толку многу е експлозивно ова јадро со кое почнува приказната. И потоа сѐ во приказната му е подредено на тој прв настан, на таа прва експлозија, од тој настан натаму живееме во светот на мајката на која не ѝ дозволуваат да си го види мртвороденото дете.

Траумата е зината и се заканува да проголта сѐ пред себе со својата темнина, како црна дупка. Таа од корен ги менува животите на главните ликови, нивниот меѓусебен однос. Одеднаш само таа постои, а со себе ја носи и збунетоста од новата состојба, го носи грчот, ја носи изгубеноста во комуникацијата. Одеднаш она што било длабока блискост веќе не постои, каналот е затнат. А таа затнатост нужно со себе носи отсекување, оддалечување, внатрешни конфликти и борба со себе – забележува рецензентот Ѓоко Здравески.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 190, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.8.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот