Нова хит-претстава во Театар Комедија: „Ало! Ало!“ на скопски начин

Актерската екипа и режисерот Синиша Евтимов / Фотографија: Стефан Рајхл

Најнова претстава на репертоарот на Театар Комедија е „Ало! Ало!“ во режија на Синиша Евтимов, кој уште еднаш докажува дека знае да го извади најдоброто од актерскиот колектив на сцена. Премиерната изведба на претставата се одржа на 20 октомври.

Со само три изведби претставата веќе стекнува култен статус и добива фантастичен одзив од публиката. Преполниот салон и долготрајниот аплауз се само природна реакција на тоа што се случува на сцената. Факт што се потврдува повеќепати, кога станува збор за соработка помеѓу актерската екипа на Театар Комедија и режисерот Синиша Евтимов, е дека култниот статус на претставите „Стјуардеси“, „Вардарски пастуви“, „Илуминати“, воопшто не е случаен, туку е резултат на добро избран текст и длабоко взаемно разбирање. Евтимов во секоја претстава во Комедија успева да го извади најдоброто од секој актер што игра на сцената.

– „Ало! Ало!“ е духовита пародија на историските случувања и на човековите слабости во обидот да се сочува главата во налетот на насилството. Дејството е сместено во скопската кафеана „Кај Јорго“, во окупираното Скопје за време на Втората светска војна. „Кај Јорго“ е сврталиште на високите претставници на фашистичкиот окупатор во Скопје и на членовите на Отпорот, а сопственикот на кафеаната, Јорго, се труди да ги „менаџира“ односите со двете страни и да се одржи жив среде војната. Но, неретко се заплеткува во компромитирачки ситуации, обидувајќи се да ги балансира барањата на Отпорот и на фашистичките чиновници, што резултира со напнати и комични расплети. Хуморот во претставата го формираат многубројни зборовни игри, двосмислености, каламбури, јазични сплетки и сатиризирање на различни стереотипи и клишеа поврзани со минатото, но и со сегашноста во Македонија – стои во драматуршката белешка за претставата.

Изборот на сцената да се донесе култната сатирична серија „Ало! Ало!“, да се смести во Скопје, половина од ликовите да ги задржат карактерите од серијата, а другата половина да игра во „скопски манир“ е полн погодок. Не е потребно да се биде пророк за да се претскаже долг сценски живот на оваа претстава во Театар Комедија.

Дејството е сместено во скопската кафеана „Кај Јорго“, во окупираното Скопје за време на Втората светска војна / Фотографија: Кире Галевски

Во претставата играат Атанас Атанасовски како Јорго, Жаклина Петровска како неговата жена Сузе, Валентин Костадиновски – Тино како бугарскиот началник Асен Алберто Берторели Богданов, Сергеј Димовски – Хер Флик, Тони Денковски – Поручник Грубер, Виктор Арсов – генерал Фон Шмелинг, Јаков Спасов – Симит, Столе Мицов – Пиги, Илија Илиоски – полковник Фон Штром, Наталија Теодосиева – Малина, Маја Љутков – Хилда, Елена Кузманов – Искра, Григор Јовановски – Пилот и Стефан Николовски – Пилот.

Во подготовката на претставата учествуваа Илина Ангеловска (сценограф) со изработка на комплексна и динамична сценографија, Александар Ношпал (костимограф) со изработка на фантастични костими кои го отсликуваат карактерот на ликовите, Борјан Стојков (асистент на режија), Марија Ѓорѓиевска (асистент на сценографот) и Ивана Каранфиловска (асистент на костимографот).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 203, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот