Нов албум: Зрело остварување на „ПМГ Колектив“

Скопскиот бенд „ПМГ Колектив“ речиси 20-ина години е еден од главните двигатели на музичката сцена кај нас. Патот кон зрелоста бендот го градеше во повеќе фази и различни постави со мноштво музички изданија зад себе. Константа во опстојувањето на бендот е креативната соработка на пријатели, уметници, претприемачи и музичари кои функционираат на иста фреквенција следејќи ги актуелните текови на новите тенденции. Обично велат дека тоа е процес што одамна е продукт, но постојано еволуира и резултира. Најновиот резултат од таа возбудлива интеракција е албумот со наслов „Fraternité“ (Братство).

– Најпрво беше идеја да се спакуваат љубовта и топлината што нѐ одржуваат заедно сите овие години, во очи на општествената и глобална непосредна закана. Звучеше како сјајна идеја некаде на средината на 2019та, кога почнавме да работиме на материјалот. Со комплетно нови музички параметри, се впуштивме во авантура која нѐ извади од патики, а сепак, додаде неколку квалитативни слоеви на основната идеја. Во меѓувреме се случи пандемиската 2020-та, па сите глобални закани добија неверојатно конкретно лице, што неповратно ги промени нашите животи. Она што остана непроменето е нашето чувство за заедништво, меѓусебната љубов и потребата за развој и промена – открива Мирко Попов од „ПМГ Колектив“.

Албумот „Fraternité“ е снимен и продуциран за винилно издание, а официјален датум за излегување е 27 февруари. Станува збор за деветто албумско издание на „ПМГ Колектив“. Дизајнот на омотот е на Виолета Качакова, а албумот е издаден под етикетата на „ПМГ Рекордингс“. На основниот состав на бендот, Мирко Попов, Синиша Евтимов и Александар Гавровски, на овој албум им се придружува Владан Дробицки (од „Сетстат“), а на композициите се појавуваат и повеќе гости. На прво слушање, „Fraternité“ е, веројатно, најзрелиот албум на „ПМГ Колектив“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 68, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот