„Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски

„Њујорк тајмс“ за „Диџеј Ахмет“: Моќен филм за слободата, притисокот и соништата

Престижниот американски весник „Њујорк тајмс“ објави рецензија за македонскиот филм „Диџеј Ахмет“, оценувајќи го како моќно и суптилно деби што ја истражува борбата меѓу традицијата и личната слобода.

„Една ноќ, длабоко во Северна Македонија, 15-годишен јуручки овчар излегува од своето село во свет што едвај се осмелува да го посака… На таа шумска забава може јасно да се види дека Ахмет никогаш не се чувствувал пожив“, пишува Крис Азопарди, кој е автор на рецензијата.

Филмот го следи младиот Ахмет, кој живее под строгите правила на својот татко и заедницата, сè додека случајно не открие тајна забава во шумата – место каде за првпат ја доживува слободата.

„Украдените моменти на самоизразување ја исполнуваат празнината меѓу културниот притисок и семејната тага, каде што шумската чистина станува ослободителен простор“, се наведува во рецензијата.

Но, како што истакнува „Њујорк тајмс“, таа слобода има своја цена – исчезнува една од овците, по што Ахмет мора да се соочи со последиците и со татко му, кој не ја прифаќа неговата љубов кон музиката.

Рецензијата особено го издвојува режисерот Георги М. Унковски, нагласувајќи го неговиот пристап.

„Во ова впечатливо и сигурно деби, Унковски демонстрира нежен реализам, надополнет со светлосна кинематографија и извонредна млада актерска екипа.“

Покрај главниот лик, внимание привлекуваат и другите актери, за кои се истакнува дека нивните ликови делуваат како да постојат и надвор од филмската рамка.

„Ахмет, неговиот помлад брат Наим и девојката Аја оставаат впечаток дека нивните животи продолжуваат и надвор од кадарот.“

Посебен акцент се става и на улогата на музиката, која, иако не секогаш е директно присутна, ја движи приказната.

„Дури и кога е само навестена, музиката ја носи приказната напред… ја слушаме ништо, но чувствуваме сè“, пишува „Њујорк тајмс“.

Рецензијата се осврнува и на визуелната симболика во филмот, како розевиот наслов и розовата овца, кои ја отсликуваат внатрешната борба на ликот.

„Режисерот не му нуди лесен излез на Ахмет, туку ѝ верува на суптилната емоција и на моќната игра на Јакуп, оставајќи неговата иднина да делува неизбежно.“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот