Никотинските производи со арома не се баш безопасни
Ароматизираните никотински производи функционираат поинаку од цигарите. Тие се достапни за тинејџерите и за повозрасните непушачи во вкусови на овошје, бонбона, нане или на ментол. Нема чад, нема пепелници, облеката не смрди и лесно се кријат, што ја отежнува нивната регулација.
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето е насочен кон подобрување на јавното здравје, и кон заштита на младите и непушачите кои сè повеќе ги користат новите никотински производи што денес се лесно достапни.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Овие производи се вкусни, модерни и претставени како „помала опасност“ за разлика од цигарата која е стар и докажан здравствен ризик. Пушењето создава чад, остава силен мирис, носи видливи здравствени ризици, не е толку привлечно и одамна е стигматизирано. Секој тинејџер многу добро знае што се цигарите и зошто се штетни. Ароматизираните никотински производи, пак, функционираат поинаку. Тие се достапни во вкусови на овошје, бонбона, нане или на ментол. Нема чад, нема пепелници, облеката не смрди и лесно се кријат.
Електронските цигари и никотинските вреќички имаат голем потенцијал за создавање нови зависници бидејќи нивната привлечност се темели на поинакви психолошки механизми, од оние на цигарите, а социјалните мрежи служат како главен простор каде што се претставуваат како модерни, интересни и безопасни.
Затоа, регулацијата на овие артикли мора да биде внимателно осмислена, прецизна и заснована на докази, наместо сите производи да се третираат под ист аршин. Таа разлика е важна и секој закон што нема да ја препознае се соочува со ризици.
Сè што е вкусно не се јаде
Научните истражувања покажуваат дека вкусот не е неважен детаљ. Кај младите, тој може да биде една од главните причини за првото пробување на производот. Истражување од 2023 година, објавено во научното списание „Драг енд алкохол дипенденс“ (Drug and Alcohol Dependence), спроведена врз 2.342 адолесценти на возраст од 12 до 17 години, покажало дека младите повеќе сакале да пробаат никотински вејп со овошен или со сладок вкус одошто производ со вкус на тутун или без вкус. Кај адолесцентите што никогаш претходно не користеле е-цигари или марихуана, предвидената подготвеност да пробаат никотински вејп била 21 отсто кога вкусот бил овошен или сладок, во споредба со само 4 проценти кога вкусот бил тутунски или кога производот бил без вкус.
Тоа не значи дека секој тинејџер, што ќе види вејп или никотинска вреќичка, ќе стане зависник. Но, значи дека вкусовите ја намалуваат одбивноста и ја зголемуваат шансата за зависност. Кога никотинот е спакуван во пријатна арома, тој, на психолошко ниво, е оддалечен од сликата за нездрав производ и личи на нешто што изгледа безопасно.
Американската Национална анкета за тутун кај младите од 2024 година, исто така, покажува колку се променил пазарот. Меѓу учениците од основно и од средно училиште, е-цигарите биле најчесто користениот тутунски производ, со 5,9 отсто. По нив следеле никотинските вреќички со 1,8 проценти, додека класичните цигари биле на 1,4 отсто. Кај средношколците, 7,8 проценти користеле е-цигари, 2,4 проценти користеле никотински вреќички, а 1,7 отсто од нив пушеле класични цигари. Според ова истражување, никотинот не е единствениот пресуден фактор. Важна е и формата во која се нуди производот, но и неговата популарност меѓу врсниците. Кога одреден производ станува тренд, тинејџерите чувствуваат поголем притисок да се вклопат и да бидат дел од групата.
Никотинските вреќички се посебно чувствителна категорија. Тие содржат никотин во форма што се става меѓу усната и непцето. Не создаваат чад, ниту, пак, аеросол или пареа, немаат изразен мирис и можат да се користат дискретно, па се попривлечни.
Една понова студија во медицинското списание „Џеј-еј-ем-еј Нетворк оупен“ (JAMA Network Open), базирана на репрезентативен примерок од 10.146 ученици во САД, покажала дека употребата на никотински вреќички кај младите се зголемила од 2023 до 2024 година. Некогашната употреба пораснала од 3 на 5,4 проценти, употребата во последните 12 месеци од 2,4 на 4,6 отсто, а употребата во последните 30 дена од 1,3 на 2,6 проценти. Овие бројки не значат дека никотинските вреќички се пораспространети од е-цигарите. Но, покажуваат дека станува збор за категорија производи што заслужува поголемо внимание, особено кога се комбинира со вкусови и со дискретна употреба.
За нашата земја нема прецизни истражувања, но постојат уверливи показатели, особено од анегдотални докази, дека расте бројот на тинејџери и општо непушачи кои почнуваат да користат вакви производи.
Кои се здравствените ризици?
Сè повеќе докази покажуваат дека електронските цигари и никотинските вреќички носат здравствени ризици. Кај е-цигарите, течноста се загрева и создава аеросол што може да содржи никотин, ароматични адитиви, ултрафини честички и други штетни супстанции. Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека аеросолот, популарно наречен пареа, од е-цигарите обично содржи никотин и други токсични материи што се штетни и за корисниците и за луѓето изложени од втора рака.
Американските Центри за контрола и превенција на болести, исто така, нагласуваат дека никотинот создава зависност и може да му наштети на развојот на мозокот кај адолесцентите, особено на функциите поврзани со внимание, учење, расположение и со контрола на импулси. Овие производи може да изгледаат полесни, почисти и помалку агресивни од цигарите, но создаваат зависност.
Кај никотинските вреќички ризикот е од поинаква природа. Никотинот се апсорбира преку усната слузница, што ја прави употребата полесна, но не и безопасна. Всушност, токму бидејќи производот може да се користи потајно – на училиште, дома или на јавни места – потешко се контролира. Со разните пријатни вкусови, производот станува уште попривлечен за тинејџерите.
Затоа јавниот здравствен проблем не е само во тоа дали некој производ содржи никотин. Проблемот е и во тоа како тој никотин е спакуван, претставен и нормализиран бидејќи супстанција, што инаку би била отфрлена како опасна, може да стане прифатлива.
Битката е на друг фронт
Македонскиот предлог-закон правилно го препознава проблемот со вкусовите. Тој предвидува ограничувања за ароматизирани производи, како и забрана за продажба на малолетници. Но, неговата слабост е во тоа што создава многу широка регулаторна рамка во која класичните цигари, е-цигарите, никотинските вреќички и други сродни производи се третираат речиси како ист проблем.
Класичните цигари се несомнено штетни и веќе силно регулирани. Но, тие не се веќе дотолку привлечен начин на кој тинејџерите и непушачите посегнуваат по никотински производ. Ароматизираните производи сѐ почесто го заобиколуваат негативниот впечаток што со себе го носи „вистинското пушење“. Доколку законот навистина има намера да ги заштити младите, фокусот треба да биде насочен кон овие производи. Ако продажбата преку интернет и недоволната регулација на овие производи стануваат сѐ поголем проблем, тогаш таму треба да биде насочен фокусот.
Во спротивно, земјата може да добие широка забрана на хартија и голем товар за трговците. Целта не е само државата да воведе строги правила доколку не го таргетира правилно изворот на ризик. Ако регулацијата не ја разбере таа разлика, ќе ја нападне највидливата форма на пушење, а ќе го промаши најновиот и најпривлечниот пат кон никотинска зависност.


