Никола Бочваров Квартет го промовираше својот нов албум со наслов „Ентропија“
Новиот албум со наслов „Ентропија“ на Никола Бочваров Квартет содржи девет теми, на дигиталните платформи се појави на 30 јануари, а на почетокот од февруари имаше и слушачка промоција во „Синдикат“.
Препорачано
Композиторот и бас-гитарист Никола Бочваров зад себе има оставено интересна музичка трага. Со својата бас-гитара досега бил дел од групи што имале различни жанровски определби, од џез-рок и поп-рок до метал, панк, реге и рап-музика, притоа користејќи ритми од македонското, но и од други поднебја.
Роден е во Скопје на 25 декември 1976 година. Дипломирал на инструментот контрабас на Факултетот за музичка уметност во Скопје, оддел за популарни жанрови, додека џез-едукација има стекнато на конзерваториумот „Франц Шуберт“ во Виена. Големото искуство и обемната работа во изминатите дваесетина години го направија еден од најбараните и најмаркантни басисти кај нас.

Своите музички идеи ги реализира со Никола Бочваров квартет, а на почетокот од февруари се одржа и слушачка промоција на нивниот нов албум со наслов „Ентропија“. На промоцијата дојдоа голем број музичари со кои досега соработувал, како и членовите на квартетот.
Кога и со која екипа е снимен албумот „Ентропија“?
– Композициите од албумот се снимени во подолг период, отприлика две години, 2024-2025. Екипата е стандардна и е во состав Иван Петровски на гитара, Александар Ванчовски на тапани и Филип Димишковски на клавијатури.
Во кој период ги создаваше композициите?
– Композициите се создадени во истиот тој период, значи ова е некој вид собрани и одбрани дела од подолг период.

Што значи обработката на четирите песни од „Архангел“?
– Обработките, односно моите аранжмани на песните од „Архангел“ беа наменски напишани по повод доделување Орден за заслуги од страна на претседателот на Македонија. Локацијата беше во малата сала на Македонската филхармонија.
Имаше слушачка промоција на албумот, дали ќе има и концертна промоција?
– Концертната промоција ја планираме за Скопје некаде на средината на оваа пролет.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 321, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.2.2026)


