Независните се фатија за претседателката како давеник за сламка
На само две и пол недели од одењето на пратениците на колективен одмор и три недели до распишување на изборите, имаме правна несигурност и се доведуваат во прашање уставно загарантираните права на илјадници граѓани бидејќи не е дефинирано учеството на независните кандидати на претстојните избори, се вели во дописот на независните кандидати
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова јавно да укаже, претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, односно Собранието и Владата итно да овозможат правна основа за учество на независните кандидати на претстојните локални избори.
Повикот на независните до Сиљановска-Давкова е како давеник што се фаќа за сламка, откако во Собранието е заглавен Изборниот законик за прагот за учество на независните на изборите, а Владата го чува во фиока автентичното толкување или, како што велат тие, апелот до претседателката е „последен обид за разрешување на историскиот преседан и добивање правна основа за учество на независните кандидати на изборите“.
Препорачано
– На само две и пол недели од одењето на пратениците на колективен одмор и три недели до распишување на изборите, имаме правна несигурност и се доведуваат во прашање уставно загарантираните права на илјадници граѓани бидејќи не е дефинирано учеството на независните кандидати на претстојните избори. Ова претставува повреда на уставно загарантираното пасивно избирачко право и на правото да учествуваат во вршењето јавни функции од член 23 од Уставот на Републиката, со што и на граѓаните што нив ги поддржуваат, им се ограничува избирачкото право и правото на политичко дејствување од член 22 од Уставот. Неможноста за учество на независните кандидати во изборниот процес ги одзема демократските атрибути на слободни и фер избори и директно го загрозува и го слабее политичкиот плурализам, како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став (1) алинеја 5 од Уставот. Упативме барање до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да се обрати јавно до Собранието, Владата и до медиумите и да бара под итно да се овозможи правна основа за учество на независните кандидати на претстојните избори – велат во дописот независните.
Тие повторија дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ одбиле средба со нив за заедно да ги утврдат условите за кандидирање на независните кандидати и да се достави нов предлог што ќе ја почитува одлуката на Уставниот суд. Тие бараат да ги повлечат измените на Изборниот законик со кој повторно се определува висок праг за учество на независните на изборите, што пак, е во спротивност со одлуката на Уставниот суд.
– Владата не доставува мислење до Законодавно-правната комисија за автентично толкување на Изборниот законик, поднесено во наше име од пратеничката Моника Зајкова. Нема автентично толкување ни на сегашната состојба на Изборниот законик и нема донесено нови измени – велат независните.
Освен до претседателката тие доставиле барање и до претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко, итно да бара Владата да даде мислење за автентично толкување, Законодавно-правната комисија итно да изготви предлог на автентично толкување, а пратениците да го усвојат. Од Законодавно-правната комисија бараат итно да оцени дали барањето за давање автентично толкување е оправдано и ако е – да го достави до Собранието. Независните бараат разрешница во најбрз можен рок и правна основа за нивно учество на локалните избори.
Тие бараат од 20 до 100 потписи, како и 200 собрани потписи за Град Скопје за независни листи на кандидати, по примерот на многу европски држави. Власта и опозицијата во измените на Изборниот законик предложија скалест број потребни потписи во зависност од бројот на избирачи, односно од 100 до 1.000, а за град Скопје 3.500 потписи.
Од Собранието за „Слободен печат“ велат дека досега не добиле мислење од Владата за автентично толкување на Изборниот законик. Од Владата не добивме одговор дали донеле мислење, а не добивме одговор ни од Сиљановска-Давкова дали јавно ќе ги повика Гаши и Мицкоски да се регулира учеството на независните на изборите.
Хаосот со учеството на независните на изборите е откако Уставниот суд го укина високиот праг за потписи од граѓаните што се неопходни за учество на изборите, а пратениците предложија повисок од веќе укинатиот.
Веќе објавивме дека е можно да не се донесат измените на Изборниот законик до распишување на изборите зашто власта нема Бадентерово мнозинство. Според тоа, нејасно е дали и како независните ќе учествуваат на локалните избори.
И додека независните бараат да се почитува одлуката на Уставниот суд и да се намали прагот на потребни потписи за нивно учество на изборите, партиите се глуви за нивните барања и веќе на големо објавуваат кандидати за градоначалници. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ објави околу 40 кандидати за градоначалници, како и главниот адут за градоначалник на Скопје – Орце Ѓорѓиевски. Опозицискиот СДСМ досега истрча со околу 30 кандидати. Претседателот на СДСМ Венко Филипче потврди дека во Скопје ќе настапат со свој кандидат. Како што веќе објавивме ексминистерката за екологија Каја Шукова е речиси извесно дека ќе биде адутот на Филипче за Скопје. За градоначалник на Скопје ќе трча и Левица со свој кандидат, а извесно е дека за метрополата номинации ќе поднесат и Европскиот фронт предводен од ДУИ, како и владејачката Вреди.
Вреди за уште еден мандат ќе го кандидира актуелниот градоначалник Биљал Касами за Општина Тетово, потврди Зеќирија Ибрахими, претседател на Алтернатива.
– Вреди досега има објавено кандидатури за градоначалници со кои ќе учествува на локалните избори. Ние го поддржуваме независниот кандидат за Струга, Менди Ќира. Додека, веќе е јасно дека Вреди во Тетово ќе оди со Биљал Касами, во Желино со Блерим Сејдиу. За другите кандидати уште разговараме – рече Ибрахими.
Тој го потврди и начелниот договор со ВМРО-ДПМНЕ за меѓусебна поддршка во некои општини.


