Ѓорѓиевски и Шукова во борба за Скопје?
Засега Шукова е најизвесна кандидатка иако се прават обиди СДСМ да трча за Скопје со независен кандидат, што е малку веројатно, особено откако партијата и архитектот Мишко Ралев ја расипаа дружбата и иако најпромовиран, тој не ја дочека изборната трка
Ексминистерката за животна средина Каја Шукова од СДСМ речиси е извесно дека ќе биде противкандидатка на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во трката за градоначалник на Скопје, брифира за „Слободен печат“ висок функционер на СДСМ.
За градоначалничката фотелја, пак, на Центар, на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски од СДСМ ќе му се спротивстави заменик-министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, кој се очекува да биде поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ.
Според функционерот, СДСМ до крајот на месецов и официјално ќе ја обелодени кандидатурата за метрополата. Засега Шукова е најизвесна кандидатка иако се прават обиди СДСМ да трча за Скопје со независен кандидат, што е малку веројатно, особено откако партијата и архитектот Мишко Ралев ја расипаа дружбата и иако најпромовиран, тој не ја дочека изборната трка. Останува отворено дали на Ѓорѓиевски и на Шукова во битката за Скопје ќе им се приклучат кандидати од Европскиот фронт и од Вреди, кои засега не одлучиле дали ќе номинираат кандидати за метрополата.
Препорачано
Кога станува збор за кандидатурите за Карпош, засега само ВМРО-ДПМНЕ обелодени дека таму ќе атакува со бизнисменот Сотир Лукровски, додека актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски сè уште не открива дали ќе оди на четврти мандат. Од СДСМ засега нема име за Карпош. Актуелниот градоначалник на Валандово Перо Костадиновски од СДСМ ќе атакува за трет мандат во Валандово, додека за скопската општина Кисела Вода, од СДСМ во игра е ексдиректорот на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски. По обелоденувањето на номинацијата на Орце Ѓорѓиевски за Скопје, од ВМРО-ДПМНЕ сè уште не откриваат кој ќе биде кандидатот за градоначалник на Кисела Вода, но дека наводно во игра е пратеничката Бети Стаменковска.
И додека стратегијата на владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди е меѓусебна поддршка во дел од општините уште во првиот изборен круг, лидерот на СДСМ Венко Филипче на евентуална поддршка од албанскиот политички блок во Скопје, Куманово и во други општини ќе почека во вториот изборен круг. Според информации од Европскиот фронт предводен од ДУИ, нема расположение за поддршка на СДСМ уште во првиот круг иако Филипче обзнани дека нема да излезат со кандидати во Тетово, Гостивар, Струга, Сарај, Чаир, Дебар и во Желино, односно во општините со мнозинство Албанци. За меѓусебна изборна поддршка Филипче веќе се сретнал со лидерот на Алијанса на Арбен Таравари, како и со претставници на Алијанса предводена од Зијадин Села. Засега нема информации дали Филипче планира средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, додека оттаму велат дека во агендата на Ахмети засега не е средба со Филипче.
Преговорите, пак, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди се двете партии и коалиции да се поддржат во првиот изборен круг, односно партијата на Христијан Мицкоски да не номинира кандидати во Тетово, Гостивар, Струга, Сарај, Чаир, Теарце, Врапчиште, Боговиње и Желино, а Вреди да не номинира кандидати во Скопје, Бутел, Гази Баба, Крушево, Ресен, Ѓорче Петров… Сепак, можно е Вреди во Скопје да истрча со свој кандидат за да повлече на советничките листи за метрополата. Во таков случај, Ѓорѓиевски поддршка од Вреди за Скопје ќе добие во вториот изборен круг. Иста шема за меѓусебна поддршка се договара и меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, односно партијата на Мицкоски уште во првиот круг да ја поддржи кандидатурата на Максим Димитриевски за Куманово и на Лабудовиќ за Центар. ЗНАМ се надева на поддршка и за Старо Нагоричане и уште некоја општина како Дојран, Валандово, Крива Паланка или Крушево.
Во стратегијата за меѓусебна поддршка не е вклучено Кичево каде што свои кандидати ќе имаат и ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, како и Европскиот фронт. Таму на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јовановски ќе му се спротивстават актуелниот градоначалник од ДУИ Фатмир Дехари и министерот за труд и социјала Фатмир Лимани од Вреди. СДСМ сè уште не одлучил дали во Кичево ќе оди со свој кандидат зашто базата бара да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Јовановски уште во првиот изборен круг.
Од позвучните имиња што неофицијално влегуваат во трка за градоначалници од албанскиот блок се Бујар Османи од ДУИ, кој во Чаир ќе му се спротивстави на Изет Меџити од Вреди. Независниот кандидат Менди Ќира поддржан од Вреди за Струга ќе води изборна битка со лекарот Арсим Далипи од Алијанса на Села. Во Тетово, на актуелниот градоначалник Билал Касами од Вреди ќе му се спротивстави потпретседателот на ДУИ Бајрам Реџепи, додека во Гостивар в.д. градоначалникот Валбон Лимани од Алијанса на Арбен Таравари ќе се соочи со независниот кандидат Висар Адеми, за кој, пак, се очекува да биде поддржан од Вреди. Во скопски Сарај, Европскиот фронт ќе го номинира генералниот секретар на АА на Таравари, Блерант Рамандани, додека Вреди засега не го открива кандидатот.


