Мирослав Грчев - архитект / Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Непростената победа над фашизмот

Историските факти за Втората светска војна и победата над фашизмот се од клучна важност за моралната ориентација на генерациите родени во векот потоа, најмногу затоа што во последниве 40 години повампирениот фашизам престорен во либерални демократски руби изврши тивка но темелна ревизија на историјата на крвавиот 20 век.

На истекот од најраззеленетиот месец во годината, месецот на животната радост, ред е да ѝ се поклониме на историската вистина што мај ја носи нежно скриена во неговите зелени пазуви. Тоа е вистината за победата над фашизмот во Втората светска војна, што практично го форматираше не само минатиот век, туку еве веќе и првата третина од векот што го живееме. Историските факти за Втората светска војна и победата над фашизмот се од клучна важност за моралната ориентација на генерациите родени во векот потоа, најмногу затоа што во последниве 40 години повампирениот фашизам престорен во либерални демократски руби изврши тивка но темелна ревизија на историјата на крвавиот 20 век. Повторното испишување лажна историја особено се однесува на нашиот самопрогласен континент, мрачниот континент, и неговите заборавени мегазлостори.

Оваа орвеловска историска ревизија ја искривоколчи вистината за победата над фашизмот за 180 степени, и тоа не со отворено славење на фашизмот како победник во војната, туку пред сѐ со бришење од колективната меморија на најголемиот воен злостор сторен од страна на фашизмот, а потоа и со неговото подмолно едначење со комунистичкиот победник. Со оваа операција на перење на мозоците е обезбедена и безболна колективна морална амнезија, зашто со поставувањето на равенство помеѓу Злото и Доброто, Европа се ослободи и од меморијата за сопствениот геноциден мегазлостор – најголем и најгрозен во целата историја – ѕверското и садистичкото истребување на повеќе од 30 милиони Словени.

Тоа ѝ овозможи на Европа да заборави и дека советската држава беше единствената пресудна сила што успеа да ја победи обединетата фашистичка Европа, и да ја ослободи од фашизмот, всушност да ја ослободи од неа самата. Оваа злосторничка ревизија, која не е само историска инверзија, туку и тотален морален колапс на стариот континент, претставува катаклизмично „урушување“ на човештината, зашто го нормализираше и го банализираше заменувањето на Доброто со Злото.

И затоа, за волја на вистината, за мајската победа над фашизмот таа 1945 година, да ги повториме основните факти за мрачниот континент и за тоа кој Европа ја извади од фашистичкиот ѓериз. Елем, најосновен факт за Втората светска војна – денес намерно заборавен – е дека таа се водеше главно на мрачниот континент, и тоа помеѓу обединетите фашистички сили на Европа диригирани од нацистичка Германија од една страна, и Советскиот Сојуз од другата. Спротивно на денес доминантната заблуда – всушност, на гнасната лага – во земјите на Европа, САД и целиот т.н. Глобален запад, дека армиите на САД и на ВБ ја ослободија Европа од германскиот нацизам, вистина е дека нивното учество во митската битка помеѓу Доброто и Злото е од воен аспект сосем маргинално и безмалку симболично. Крвав факт е дека повеќе од 90 насто од воените дејствија и напори, како и цивилните страдања во победата над Хитлерова Европа паднаа врз плеќите на Црвената армија и на народите на Советскиот Сојуз.

И да, оваа сурова и болна историска вистина мора да се повторува неуморно, повторно и повторно, особено во разлистениот и расцветан мај, месецот на победата над фашизмот, повторно, гласно и јасно: победата над фашистичкото Зло и слободата на Европа ѝ ја донесоа машките деца во униформи на Црвената армија што со своите коски го обелија патот од Москва до Берлин!

Додека на континентов се одвиваше епската битка помеѓу Злото и Доброто, односно помеѓу фашистичка Европа и социјалистичкиот Советски Сојуз, Велика Британија ги водеше на други континенти своите војни со Германија и Јапонија за спас на империјата и на нејзините колонии. За истото време Соединетите Американски Држави покрај водењето на својата империјалистичка војна за доминација над источна Азија и Пацификот, успеаја конечно да се оправат од економската депресија од која страдаа цела деценија, и, преоѓајќи на воена економија и произведувајќи воена помош за Британскиот Комонвелт и Советскиот Сојуз, успеаја да станат светски доминантна економска и воена империја. Така што, вистинската цена што САД и ВБ ја платија за победата над Хитлеровата Германија и фашизмот е – како што беше претходно истакнато – мнооогу помала од 10 насто од вкупната.

За да се сфатат димензиите на оваа одлучувачка битка помеѓу Доброто и Злото, мора да се потсетиме дека Хитлерова Германија не го нападна самата Советскиот Сојуз, туку на чело на алијансата на земји сојузнички, сателити, вазали и колаборатори што практично ја чинат целата обединета Европа. Хитлеровото обединување на Европа беше изведено со исклучително вешта и безмилосна комбинација на дипломатски маневри, ветувања и закани, сојузнички пактови, анексии и брутални и молскавични освојувачки војни. До походот против Советскиот Сојуз во јуни 1941 година, Хитлер за својата кауза ја беше обединил цела Европа, освен Велика Британија, практично целата денешна Европска Унија. При што некои земји беа од порано фашистички држави, некои станаа фашистички држави кога пристапија кон Тројниот пакт, а сите други што беа воено поразени или окупирани без отпор добија домашни фашистички режими. Најпосле, Шведска, Швајцарија, Шпанија, Португалија и Турција што прогласија неутралност, му дадоа непроценливо важна поддршка на германскиот продор на исток и со логистичка поддршка на Германија го овозможија четиригодишното траење на војната, зашто здушно и со сите свои стопански капацитети и ресурси работеа за Хитлеровата воена машина.

Активните членки на Хитлеровиот пакт што со армии заедно го нападнаа Советскиот Сојуз беа Германија, Италија, Унгарија, Романија, Словачка и НД Хрватска, заедно со Финска која одигра клучна улога во затворањето на обрачот околу Ленинград и вршењето на најсмртоносната опсада на град во историјата. На Советскиот Сојуз тој јуни инвазија изврши армија од три милиони германски војници, со уште милион и пол војници и доброволци од обединета Европа, помогнати со илјадници тенкови, авиони и артилериски цевки.

Важно е да се нагласи дека од самиот почеток на кампањата за уништување на Советскиот Сојуз, учество земаа многу доброволни легии, дивизии и корпуси од сите европски нации, а германската војска и Вафен Ес-ес дивизиите се формираа, полнеа и обновуваа од доброволци од цела Европа. Национални Вафен Ес-ес дивизии целосно се формираа од доброволци од Латвија, Естонија, Литванија, Украина, Хрватска, Босна и Херцеговина, Унгарија, Белгија, Холандија, Италија, Албанија и Франција. Последнава ја формираше фанатичната 33-та Вафен гренадирска Ес-ес дивизија „Шарлемањ“ која броеше дури 10.000 француски есесовци што се „прославија“ на крајот на војната очајнички бранејќи го Берлин и Хитлеровото подземно дувло, до самиот мајски ден на капитулацијата на Германија.

Хитлеровиот план беше во име на обединета Европа да „ја збрише Москва од лицето на земјата“, да ја претвори Украина и јужна Русија во континентална житница во која ќе работат 30 милиони славјански робови на кои ќе им биде дозволено да живеат, додека другите жители на 196-милионскиот Советски Сојуз требаше да бидат изгладнувани до смрт, биолошки истребени и претворени во хумус. Денешните фашисти од сите политички провениенции тој европски поход на Советскиот Сојуз и планот за истребување на 160 милиони советски граѓани, заедно со 40-те милиони реализирани ѕверски убиства, сето тоа го изедначија со советската победа над фашизмот и создавањето на социјалистички блок од земјите на Источна Европа. И денешните либерални, демократски, зелени и други фашисти и нивните татковци и дедовци лесно го заборавија сопствениот злочин над жителите на Советскиот Сојуз, но никогаш не им ја простија победата над фашизмот.

И затоа, колку и да е оваа вистина мачна, важно е да се повторува, небаре ќе влезе во мазните мозоци на скудоумна Европа, за евентуално да сфатат дека Русите имаат повеќе од 30 милиони причини да бидат загрижени од експанзијата на НАТО и од повторниот воен поход на обединета Европа преку украинската црница кон Исток. Овие факти се важни и за препознавање на денешните фашисти, зашто тоа се токму оние што ги заборавија „херојските дела“ на сопствените предци во уништувањето 30 милиони граѓани на Советскиот Сојуз и арогантно ја потценуваат руската колективна меморија за најголемиот воен злостор на сите времиња што беше извршен врз нивните предци.

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот