Неонацистот Брејвик не се кае, но бара милост: „Би сакал да заминам од Норвешка“
Брејвик се појавил потстрижан со видлив знак „Z“ оставен на главата и покажал лист со пораки, кои норвешките весници одбија да ги пренесат, поради неонацистичката и расистичка содржина. Тој не одговорил дали се кае за терористичкиот напад пред 13 години
Андрес Беринг Брејвик, норвешкиот неонацист осуден поради убиство на 77 луѓе во 2011 година, вчера се појави пред суд со барање да биде пуштен на слобода, откако отслужи 13 години од казната од 21 година затвор.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Би сакал да заминам од Норвешка, ако ми дозволи судијата – му рекол Брејвик во судската сала на новинарот на „Дагбладет“.
Брејвик се појавил потстрижан со видлив знак „Z“ оставен на главата и покажал лист со пораки, кои норвешките весници одбија да ги пренесат, поради неонацистичката и расистичка содржина. Тој не одговорил дали се кае за терористичкиот напад пред 13 години.
Во јули 2011 година Брејвик активираше автомобил-бомба во Осло, при што загинаа осум луѓе, а веднаш потоа на излетничкиот остров Утоја со пушка и пиштол уби уште 69 лица на излет организиран од подмладокот на Работничката партија. Тој ѝ се предаде на полицијата, ги призна злосторствата и беше осуден на максимална казна од 21 година затвор, која може да биде продолжена сѐ додека суд не реши дека повеќе не е закана за општеството.

Брејвик го побара првото помилување откако отслужи 10 години во затвор. Сведочејќи пред судот, тој изјави дека во ќелија се откажал од насилството, но не и од нацистичката идеологија. Тој најави дека ако биде пуштен на слобода ќе ја продолжи со мирољубиви средства својата борба за расистичка доминација. Судот му ја одби молбата.
Сега тој повторно побара помилување и беше сослушан од судии во затворот со максимална безбедност Рингерике на брегот на езерото Тирифјорден, каде што е и островот Утоја.
Во цело затворско крило резервирано за него, Брејвик има на располагање кујна, фискултурна сала, соба со телевизор и бања.
Уште во ноември 2012 година Брејвик испрати список со жалби и желби на 27 страници, барајќи полесна комуникација со надворешниот свет, нова конзола „плејстејшн 3“ наместо застарената „двојка“ и видеоигри за возрасни наместо за деца, како и пристап до поголема фискултурна сала.

Иако затворот Рингерике важи за „луксузен“ дури и за западноевропски стандарди, Брејвик го тужеше Кралството Норвешка поради „нехумани услови за престој“. Тој постојано се жали на долгиот престој во изолација, што го оцени како нарушување на човековите права. Неговите адвокати во јануари истакнаа дека Брејвик страда од „длабока депресија“ и дека има самоубиствени нагони.
– Тој беше во изолација речиси 12 години. Тој живее во целосно заклучен свет. Тој повеќе не сака да биде жив – изјави тогаш неговиот адвокат Ејстејн Сторвик.
Адвокатот додал дека Брејвик на ѕид од ќелијата со фецес испишал порака „Убијте ме!“. Едно од барањата на Брејвик било да му биде дозволена комуникација со надворешниот свет. Единствениот посетител во неговото затворско крило бил дресиран пес-спасувач од Црвениот крст, заедно со водачот, кој не зборувал.
– Песот беше единствениот посетител во ќелијата на Брејвик во изминатите 12 години – истакнуваат неговите правни застапници.
Адвокатите од Министерството за правда изјавија пред судот дека Брејвик мора да остане издвоен од другите затвореници затоа што сѐ уште претставува закана.
– За вонредно опасен затвореник се неопходни вонредни мерки. Тој сѐ уште се гордее со тоа што го направи. Тој сѐ уште ги има истите идеолошки погледи – изјави адвокатот Андреас Хјетланд.
Тој додаде дека изолацијата на Брејвик е „релативна“, бидејќи има контакти со затворските чувари, со свештеник, со медицински лица, а до пред една година и со гостин-волонтер, со кого повеќе не сака да се гледа. На секоја втора недела на Брејвик му е дозволено да се сретне еден час со по двајца затвореници од другите крила.
Судот тогаш пресуди дека правата на Брејвик не се нарушени, но тој вложи жалба, за која судот треба да се произнесе идниот месец.


