Фото: pexels-pixabay

Нема веќе субвенции за две крави и за мала нива

Министерот Цветан Трипуновски ја претстави програмата за субвенционирање за 2026 годинава. Се заоструваат условите за субвенционирање, а целта е да им се помогне на вистинските земјоделци кои имаат комерцијално производство, рече министерот. Тој укажа и на бројни злоупотреби, особено во сточарството.

Повисок долен праг, како услов за субвенционирање во сточарството, полјоделството, градинарството, лозарството и пчеларството предвидува Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2026 година во износ од 6.061.345.000 денари, или 98,5 милиони евра. Програмата ја претстави министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, кој потенцираше дека заострените услови се со цел парите да отидат кај вистинските земјоделсци кои имаат комерцијално производство и создаваат додадена вредност. Во таа насока, рече министерот, е новиот услов – најмалку 30 отсто од произведеното да се предаде во откупен центар, или кај преработувачи.

Министерот посочи дека со една или две крави веќе нема да може да се добијат субвенции, туку дека долната граница ќе биде три грла.

-Ако имате една крава дома, си произведувате за сопствени потреби, не учествувате на пазарот и не создавате додадена вредност. Статистички имаме раст во бројот на грла, а пад на производтво на млеко – рече министерот.

Во однос на козарството, тој рече дека досега биле прифатливи 10 грла, а сега се потребни 30 за да се добие субвенција. Во делот за пчелните семејства пак, место 10, сега минимум се оди со 30.

Кај лозарството најмала површина може да биде 0,5 хектари, место досегашните, поголема површина треба и за полјоделските и за градинарските култури. Исто така, според новата Програма нема да се субвенционира насад на пченица ако не се користи сертифициран семенски материјал.

-Се сметаме за земјоделска земја со сите предуслови – почва, вода, сонце, а можеби поради немање храброст за реформи, се дават субвенции, а опаѓа производството – рече министерот.

Тој посочи дека од 2007 година кога почнало субвенционирањето заклучно со исплатите од 2025 година за субвенции се дале преку 1,7 милијарди евра.

 Крави немало, ама имало ќеса со маркици за уши, па земале субвенциии

Според министерот, има околу 65.000 корисници на субвенции. Со подигнување на прагот за користење на субвенции, тој очекува мало намалување на корисниците, но поголемо намалување очекува со засилените контроли.

-Минатата година се потпиша еден меморандум, инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат да бидат ставени на располагање на Платежната агенција и на терен да има засилени контроли со цел да нема неоправдано одлевање на буџетски средства – рече министерот.

Тој посочи дека буквално постојат „ловци на субвенции“, кои без да имаат вистинско производство се корисници на субвенции.

-Не може да се проверат сите над 60.000 апликации. Платежната агенција има и сателитско следење. Во однос на субвенционирањето на сточниот фонд има сериозни индиции за злоупотреби. Еве народски да кажам, во некоја штала можеби нема добиток, ама има кеса со маркици за уши и врз основа на тоа се добива субвенција. Затоа, многу се важни теренските контроли – вели Трипуновски.

Трипуновки објасни дека прво се плаќаат контроли, па потоа исплатите. Но, тој призна дека контролираниот примерок бил многу мал. Ако некој се обидел да изврши злоупотреба, нема да има исплата, но и ќе има забрана за користење субвенции  наредните три години.

-Се сложувам дека казните треба да бидат поголеми. Ние не правиме контрола по доделувањето на субвенциите – одговори Трипуновски на прашањето што ако веќе некој извршил злоупотреба.

Не сме го намалиле износот на субвенции

Трипуновски уште еднаш ги негираше обвинувањата на опозицијата дека со сегашната Програма се скратени 40 милиони евра, односно дека претходната била 140 милиони, за разлика од сегашната од речиси 100 милиони евра.

-Правевме анализа во делот на претходните програми. Никогаш од 2019 година па наваму немало програма во висина од 140 милиони евра. Кога дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година, наследивме наследена програма од 100 милиони евра. Интервентно со ребалансот ја зголемивме на 115, а со пренамената во декември 2024 година, целата програма достигна 136 милиони евра. Тие зголемувања беа за дa се исплати тоа што го наследивме, најголем дел од претходната гарнитура. Секоја годишна програма била околу 100 милиони евра, а во текот на годината може да се прави дополнување со оглед на бројот на апликанти затоа што во јануари не го знаеме точниот квантум на производство. Но, тврдам дека не сме ги намалиле субвенциите за 40 милиони евра – рече Трипуновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот