Нема веќе аболиција, само помилување откако е донесена правосилна судска пресуда

Министерство за правда / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Собранието денеска го донесе Законот за помилување.

Со новиот Закон за помилување кој е предложен од Министерството за правда претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на определени лица.

– При изготвувањето на законот беа разгледани повеќе компаративни искуства како што се решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи. Причините за донесување на Законот за помилување, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со предлогот. Она што е важно е што во него има прецизни рокови и докрај се прецизаат ингеренциите на сите засегнати страни кои учествуваат во процесот. Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими, односно, со овој Предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето – соопшти Министерството за правда.

Со овој нов закон за помилување повеќе нема можност за аболиција, односно претседателот на државата веќе не може по свое видување да ослободи некого од кривично гонење.

Трите најпознати и многу контроверзни аболиции досега се аболицијата на ексминистерката Доста Димовска за аферата „Големото уво“ што ѝ ја даде претседателот Борис Трајковски, аболицијата на Зоран Заев, тогаш како градоначалник на Струмица за предметот „Глобал“ што му ја даде претседателот Бранко Црвенковски и аболицијата на 56 лица од кои најголем дел беа под истрага на тогашното СЈО, меѓу кои и највисоките функционери од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, што ја даде претседателот Ѓорге Иванов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот