Нема „шверц-членство“ во Европската Унија, ниту влез преку задни врати
Иако има сугестии дека Унијата размислува за прием во пакет на земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија со делумни надлежности во првата фаза, од друга страна, од Брисел предупредуваат дека голем дел од тие тврдења се погрешно интерпретирани или произволно пласирани во јавноста.
Идејата Македонија да влезе во Европската Унија со „ограничено членство“, односно без право на вето, без еврокомесар и со скратени надлежности, повторно се провлекува низ дипломатските канали во Брисел, но повеќе како маглива сензација отколку како оформен и реален план.
Препорачано
Од една страна, постојат сугестии дека Унијата размислува за прием во пакет на земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија со делумни надлежности во првата фаза, а од друга страна, гласини од Брисел предупредуваат дека голем дел од тие тврдења се погрешно интерпретирани или произволно пласирани во јавноста.
Она што дефинитивно се знае, а го објави бугарски „БГНЕС“, е дека се разгледува можност новите членки да го изгубат само правото на вето за проширувањето, односно да не може една земја кандидат да го блокира напредокот на друга. Причината е многу конкретна: да се избегнат идни блокади меѓу Србија и Косово или други регионални конфликти што би го загрозиле целиот процес. Но истите извори се категорични дека ова важи само за ова поле и дека приказните за трајно одземање на правата на новите членки се далеку од вистината.
Во македонскиот политички простор, оваа идеја доби ново оживување, но и жестоки реакции.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски е најостриот во ставот дека целата приказна е нереална и медиумски пренапумпана.
Во изјава за „Слободен печат“ тој вели дека станува збор за класично замајување на јавноста.
– Да не се залажуваме, оваа формула нема никакви шанси за реализација. Ама баш никаква шанса. Сите, ама баш сите функционери и комесари од ЕУ, вклучувајќи ја Марта Кос, но и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, рекоа дека мора да се направат измените и да се внесат Бугарите во Уставот – и тоа е тоа. Сме потпишале, и сега мора да го направиме тоа – изјави Пекевски.
Со ова тој практично ја затвора вратата за сите „креативни формули“ што се пласираат периодично, вклучително и оние за алтернативни модели на пристапување.
Слично гледиште има и Андреја Стојковски од Институтот „Преспа“, кој ја отвора правната страна на приказната и нагласува дека во европските договори нема категорија „неполноправно членство“.
– Во договорите се препознава само членство, нема полноправно или поинакво. За да се изменат договорите, потребно е да се постигне консензус на сите земји членки, што е веројатно полесно да се постигне отколку за обичен прием на нова држава. Кога зборуваме за компромис или за понижување, мислам дека е понижувачки за сите граѓани да им се одзема можноста за иднина во која квалитетот на животот ќе биде на соодветно ниво за 21 век – објаснува Стојковски.
Тоа значи дека каква било промена на моделот на членство би барала преработка на основните договори на ЕУ – процес со речиси невозможна политичка математика.
На оваа дебата се надоврзува и изјавата што претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски ја пренесе од висок официјален претставник на ЕУ, според која „во моментов нема консензус за нови полноправни членки“, а истовремено, од истиот извор, посочено е дека „е време да се почне да се размислува за некое меѓурешение што би значело повеќе интеграција, но без полноправно членство“.
– Но тоа што го бараме од ЕУ, од некои земји членки, е само поголема искреност – порачува Милошоски.
Овие пораки, без оглед на нивната звучност, не објаснуваат какво е тоа „меѓурешение“ што би било правно возможно без менување на договорите, што дополнително ја потхранува дилемата дали ваквото сценарио воопшто стои на маса.
Во спротивност со Пекевски и Стојковски, аналитичарот Петар Арсовски смета дека ваков модел, со делумно суспендирани права, би можел да биде реален во иднина.
– Мислам дека тоа ќе биде единствената опција за нас, како и за Албанија и за Црна Гора. Значи некакви суспендирани делумни права во првите 10 години, но не повеќе од тоа. Прашањето е дали ние би можеле да ги завршиме реформските приоритети во годините што ни се дадени, ако ги одблокираме преговорите – изјави Арсовски.
Ова сценарио, иако е политички логично за земји што долго чекаат на напредок, сепак е спротивно на европските правни толкувања што велат дека такво членство не може да се воведе без ревизија на Лисабонскиот договор.
Паралелно со овие расправи, примерот на албанскиот премиер Еди Рама, кој јавно порача дека Албанија би можела да влезе во ЕУ и без право на вето или еврокомесар, повторно ја разгоре темата за алтернативни формати.
Но европските извори, цитирани од „БГНЕС“, истакнуваат дека неговата изјава не значи дека Унијата навистина планира таков модел, туку дека земјите кандидати бараат „политички кислород“ во процес што често е заглавен.
Во реалната европска агенда, заштитните механизми што се разгледуваат немаат врска со концептот „ограничено членство“. Брисел подготвува времени мерки што би важеле од потпишувањето на договорот до неколку години по влезот и кои се насочени кон владеењето на правото, борба против корупцијата, организиран криминал и перење пари. Тоа се мерки што биле применувани и во претходни проширувања. Европските правни експерти предупредуваат дека обиди да се прошири овој модел на други области би биле опасни и би ја отвориле „Пандорината кутија“, бидејќи би го поткопале принципот на еднаквост меѓу земјите членки.
Во меѓувреме, Црна Гора се обидува да затвори пет поглавја до декември, но останува резервата околу Поглавјето 31, кое Комисијата не сака да го форсира за да избегне можна хрватска блокада. Овој пример јасно покажува колку процесот е чувствителен и зависен од внимателно политичко темпирање, а не од радикални нови формати.
Собирајќи ги сите линии на оваа расправа, станува јасно дека идејата за „ограничено членство“ е повеќе политички мит отколку европска политика. Единственото реално ограничување што се разгледува е правото на вето за проширувањето – ништо повеќе. Пораките од Брисел остануваат едноставни и директни: уставните измени мора да се направат, постојниот договор важи и алтернативни патишта нема. Сѐ друго, како што предупредува Пекевски, останува „класично замајување на јавноста“, со кое домашната политика се обидува да го ублажи чувството на стагнација.


