Нема пречки невладина да користи „Македонија“ во името

Ниту во Уставот ниту во Преспанскиот договор нема забрана за приватни ентитети кои не се финансираат од државата за нивни активности во странство, да го имаат името „Македонија“ во својот назив, изјави за „Слободен печат“ поранешната министерка за правда Рената Тренеска- Десковска.  

Претходно Мкд.мк објави дека Министерството за правда одбило да регистрира граѓанско здружение бидејќи во својот назив го имало и терминот „Македонија“. Во решението од ноември 2020, на кое се повикува порталот, со кое се одбива регистрацијата, се вели: „Термините ‘Македонија’, ‘Република Македонија’, ‘ПЈР Македонија’, кратенката ‘ПЈРМ’, во преведена или непреведена форма, не смеат да се употребуваат во целокупната внатрешна и надворешна официјална комуникација“.

Одговарајќи на наше прашање, Дескоска вели дека додека била министер за правда, одобрила десетици барања за користење на името „Македонија“, „Македонци“, „македонски“, за институции што не се финансирани од буџетот.   

– Нема никаква забрана ниту во Уставот ниту во Преспанскиот договор, приватни лица, невладини организации, синдикати или приватни фирми  да го имаат во својот назив името „Македонија“, „Македонци“, „македонски“. Додека јас бев министер, беа одобрувани сите барања со употреба на овие термини. Од позвучните имиња  што во мое време добија дозвола за користење на името Македонија е фирмата „А1 Македонија“ која е ребрендиран „ВИП“. Нема забрана ниту во јавните изјави на граѓаните да се користи терминот „Македонија“, „Македонци“, „македонско“. Името „Северна Македонија“ е обврска при официјална комуникација – вели Тренеска-Десковска. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот