Фото: Фејсбук-профил на Сиљановска-Давкова

Нема место за двојни стандарди за процесот во ЕУ, смета Сиљановска-Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека патот на Македонија до полноправно членство во ЕУ е неоправдано попречуван и одолговлекуван, а тој се „трансформира во маратон“. Сиљановска-Давкова е во посета на Хрватска, каде рече дека Македонија кандидатскиот статус го добила во 2005 година, притоа сме имале „дваесетина и повеќе пати позитивни годишни извештаи и препорака, и од Европскиот парламент и од Европската комисија, за почеток на преговори, и никако да дојде до преговорите“.

Како што пренесува хрватскиот медиум Индекс, таа спомена дека се бара и промена на Уставот и кон земјата се врши притисок.

„Замислете актот на сувереноста, Уставот, највисокиот закон, закон на законите, општествената повелба на граѓаните треба да се смени. Иако, како и во секој Устав, и во нашиот пишува дека иницијатива за промена може да покренат претседателот, 30 пратеници, или 150 илјади граѓани, и Владата, не пишува дека ЕУ, а уште помалку може тоа да го направи некој од соседите“, истакна Сиљановска Давкова.

„Се разбира, она што го бараме ние е многу едноставно, исти стандарди какви што се барале од вас, или какви што се бараат и од другите членки, а тоа се Копенхашките критериуми. Меѓутоа, ние добиваме барања коишто се однесуваат на историјата, на културата, на јазикот, или на идентитетот. А во преамбулата на Договорот за ЕУ јасно пишува дека ЕУ ја признава, бидејќи е единство во различностите, и ги почитува историјата, културата и јазикот на другите народи, па дури и уставните и политичките структури, а особено дигнитетот и интегритетот на граѓаните“, дополни Сиљановска-Давкова.

Сиљановска-Давкова нагласи дека проширувањето на Унијата денес е и безбедносно прашање.

„Ние припаѓаме во втората категорија, но постојат прашања за кои навистина не треба ни да се расправа. Јасно е дека проширувањето денес не е само политичко, културно и економско, туку и безбедносно прашање, бидејќи сите големи светски турбуленции отсекогаш се прекршувале преку Балканот“, посочи таа.

По средбата во Хрватска, претседателот Зоран Милановиќ исто така го коментирал долготрајниот процес на пристапување на Македонија во Европската унија, истакнувајќи дека пред земја се поставуваат премногу барања и услови. Порача дека Македонија самостојно одлучува за својот пат.

„Македонија сама одлучува што ѝ е подобро и кој пат го избира, претпоставувам дека тоа е патот на благосостојба, мир и спокој на граѓаните на Македонија. А ова другото, вклучително и ЕУ и НАТО, е фасада, некаков вид енергетска обнова, но она што ја прави куќата е внатре. Ова се мои размислувања, не се совети ни за првиот сосед до мене, а камоли за цела држава и народ. Тоа важи и за Хрватска – ЕУ е надградба, но никако зграда. Нашата куќа и традиција се на нашето земјиште, а ЕУ е добредојдена сезонска приказна додека трае. Тоа е тоа. Има живот и без ЕУ, и тоа успешен и достоинствен“, изјави Милановиќ.

Инаку, на агендата на Сиљановска-Давкова во Хрватска, освен средба со Милановиќ, на агендата беше пленарен состанок на македонската и хрватската делегација.

Според најавата од Кабинетот на македонската претседателка, таа треба да оствари средба и со претседателот на владата, Андреј Пленковиќ. Предвидено е претседателката да положи венец на Споменикот на татковината, а во градскиот парк „Бундек“ – венец на спомен-бистата на Блаже Конески. Исто така, да ќе присуствува на отворањето на изложбата „Архивски документи“ на македонската уметница Жанета Вангели, како и да ја посети македонската православна црква „Свети Злата Мегленска“ во Загреб.

Сиљановска во официјална посета на Хрватска

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот