Нема леб, референдумски игри колку сакаш

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Не се прашуваат луѓето дали се за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник, туку дали некогаш ќе престане ова бегање на политичарите од болните прашања и, уште повеќе, од вистинските одговори како да ја преживеат зимата.

Во услови на тешка економска криза во државава и на само еден месец пред претстојната „најстудена“ зима, каква што се предвидува дека ќе биде, со што се занимаваат нашите политичари и, особено, народните избраници? Па, се разбира, со теснополитички и уште потеснопартиски интереси и надмудрувања кој е попаметен и поголем патриот. Божем од нивниот патриотизам сиве овие години народот виде некаков аир. Она што последниве две недели, па и повеќе, го одзема вниманието на медиумите и на јавноста е желбата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за одржување референдум и, поточно, за билдање на рејтингот. Не дека темава не ѝ одговара на власта. Таа одамна со помош на опозицијата главната политичка дебата ја води во насока кон Бугарија, со што вешто ја избегнува темата за сиромаштијата во која сè повеќе тоне народот.

Разбравме дека деновиве власта размислувала како иницијативата за распишување референдум политички да биде одбиена. ВМРО-ДПМНЕ, пак, размислува да го коригира документот и во барањето доставено до Талат Џафери да допише дека тој е претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Ете тоа е најголемиот проблем на нашите политичари. Но, помислуваат и на народот, да не се грижиме. Како?! Преку ден ќе прочитате неколку партиски-чаршиски т.н. соопштенија во кои се кажува дека СДСМ краде (обвинување што „на све иде“, без разлика на проблемот или темата), односно дека во ВМРО-ДПМНЕ не знаат што зборуваат (и таа констатација „одговара“ на кое било обвинение). И тука завршува сè.

Мицкоски по којзнае кој пат се запнал за предвремени избори, па сега сака да ги протурка со референдумот што однапред е осуден да биде неуспешен, бидејќи многу е мала веројатноста да го исполни цензусот од 910.000 излезени гласачи. Но, лидерот на опозицијата е решен да троши народни пари во услови на криза како да се негови. Еве јас прва ќе излезам на референдум ако Мицкоски од свој џеб ги покрие трошоците за оваа негова забава. Верувам дека и многу други би се согласиле.

И да не успеел референдумот, вели тој, неговите пратеници немало да гласаат за уставни измени. Па, чуму тогаш запнува? Ете нека не гласа и „бугаризацијата“ нема да се реализира. Или, пак, не е баш толку сигурен во своите пратеници што ги тераше и изјави на нотар да потпишуваат, па сака да се вади на грбот на народот? Но, кого тоа го интересира? Дали референдумот на Мицкоски ќе ги стопли граѓаните, дали ќе им ги наполни стомаците, дали ќе ја намали инфлацијата? Тоа е она што го загрижува народот, не празните прес-конференции на кои се обвинувате кој повеќе крадел. Знаеме дека сите сте краделе, дајте сега сопрете со овој ваш бизнис и фатете се сериозно за работа. Да ја пребродиме кризава.

Неопходно е пратениците или, поинаку кажано, народните избраници, да сопрат со партиската агенда и да се фатат за работа. Да почнат да мислат за оние што ги избрале. Досега ниту еднаш не слушнавме некој пратеник да поведе некаква дебата за тоа како да се надмине економската криза, да излезе со некакви предлози, да ѝ посочи нешто на Владата. За тоа сте поставени во парламентот, да работите и да си ги заработите парите. Не само да дремете на седници, да блокирате и да трубите што ќе ви наредат од партиските седишта. Не се прашуваат луѓето дали се за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник, туку дали некогаш ќе престане ова бегање на политичарите од болните прашања и, уште повеќе, од вистинските одговори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот