Неле Карајлиќ на Саемот на книга во Скопје: Посакувам со „Надреалистите“ да згрешевме со предвидувањето за распадот на Југославија
Ние само го гледавме она што сите го гледаа, но не сакаа да го признаат. Посакувам толку прецизно да не ја претскажавме иднината. Посакувам да згрешевме. Во тоа време, кај нас постоеше некој вид страв што се роди поради тие неповолни политички околности по смртта на Тито.
Неле Карајлиќ, култниот лик од сараевската серија „Топ листа на надреалистите“ и фронтмен на „Забрањено пушење“, во неделата беше во Скопје како гостин на Саемот на книгата.
Препорачано
Карајлиќ, чие вистинско име е Ненад Јанковиќ, на штандот на „Арс Ламина“ зборуваше за своите четири книги, трилогијата „Солунска 28“ и „Фајронт во Сараево“. Легендарниот д-р Неле Карајлиќ, во својот препознатлив стил, ги спои книжевноста, музиката и капитализмот и на оригинален начин зборуваше за подоброто минато и сегашната сурова реалност.
Еден од највпечатливите моменти беше неговото навраќање на култната серија „Топ листа на надреалистите“ и нивната способност да ја предвидат војната и распадот.
„Ние не бевме пророци. Ние само го гледавме она што сите го гледаа, но не сакаа да го признаат. Посакувам толку прецизно да не ја прорековме иднината. Посакувам да згрешевме. Во тоа време, кај нас постоеше некој вид страв што се роди поради тие неповолни политички околности по смртта на Тито. Кога ќе почнеш со хумор да се браниш од стравот, почнуваш да го извртуваш на смеа, а на крајот се покажа дека ја раскажуваш приказната за она што ќе се случи. Тоа е трагедијата – реалноста реши да нè имитира нас, наместо ние неа“, рече Карајлиќ.
За Неле, границите во поранешна Југославија денес се само политички и смета дека некогашната држава е сѐ уште обединета музички и културолошки.
– Југославија сега само од државна форма премина во културолошка. Таа во културата не исчезна, туку живее со полни гради. Погледнете ги билбордите – не постои странски бенд што може да има повеќе публика од Здравко Чолиќ, Дино Мерлин или Александра Пријовиќ. Во 1983 година, Мајкл Џексон го издаде „Трилер“, најпродаваниот албум во историјата во светот, со над 70 милиони примероци. Кај нас се продаде во 90.000 примероци, а мојот омилен бенд „Забрањено пушење“ истата година го продаде „Дас ист Валтер“ во 100.000. Тоа покажува каква силна култура имавме – алтернативен бенд да биде поголем од светска ѕвезда – рече Неле Карајлиќ.
Тој повлече линија помеѓу рокенролот и денешниот турбофолк чиј кум е, како што рече, Рамбо Амадеус, и го обвини капитализмот за културолошкиот пад.
Турбофолкот не е резултат на падот на вкусот на луѓето, туку производ на капитализмот. Во социјализмот, уредници беа образовани луѓе што избираа по квалитет. Сега сопственикот на медиумот гледа само рејтинг. Ако види дека турбофолкот носи пари, тој ќе го пушта тоа. Што му е гајле за „Леб и сол“. Рок-музиката негуваше љубов, зад неа стоеше Ерос. А оваа музика денес – Танатос. Турбофолкот е отпад од Западот со својата форма и отпад од Истокот со својата содржина. Дури и реалните шоуа настанаа во Америка кога актерите станаа скапи, па решија да ги соберат „будалите“ да се резилат пред камери за беспари.
Книжевноста за Неле е начин да се победи времето. Неговата трилогија е посветена на вечноста, но и на секојдневната борба.
– Хуморот е единствената работа што Бог му ја дал на човекот освен палецот за да се одбрани од сознанието дека е минлив. Мојата книга „Солунска 28“ е приказна за куќа што преживува сè. Првиот дел е за пријателството, вториот за парите, а третиот за уметноста и вечноста. Уметноста е единствениот начин да го победиме времето. Сакам моите читатели да се чувствуваат како да сме заедно во кафеана и јас им ги раскажувам овие приказни додека пиеме нешто посилно. Кафеаната е најдемократската институција во поранешната држава – додаде Неле Карајлиќ.
Разговорот што го водеше поетот Дарко Лешоски заврши со многу емоции за Скопје каде што Неле служел војска.
– Беше убаво да се биде во Скопје во војска, бидејќи градот ја сакаше војската. Се сеќавам на касарната во Петровец, тоа беше време без драма. Македонската музика секогаш ни беше инспирација – рече Карајлиќ.
Тој најави дека за околу еден месец ќе излезе неговиот нов албум што ќе „мириса“ на 80-тите од 20 век и две нови книги што ги пишува.
– Едната книга зборува токму за тој турбулентен период во деведесеттите години, кога започнува војната и кога едно семејство во едно мало место во Босна се распаѓа од силните удари од страна. А, втората книга, со која страшно се измачувам, а морам да ја завршам, бидејќи мислам дека ќе биде многу добра, зборува за последниот ден на Никола Тесла, односно за неговата смрт и сè она што се случувало по неговата смрт на 7 јануари 1943 година – најави авторот.
Неле додаде дека кога денес ќе го прашаат дали се потребни нови „Надреалисти“, тој вели дека тие веќе постојат, само се викаат поинаку и се на социјалните мрежи.



