Дубаи

Некој нема ни за пакетче под елка, а некој ќе лета за Дубаи

И покрај тоа што никој не води точна евиденција за тоа колку Македонци ја дочекуваат најлудата ноќ во странство, се оперира со бројка од неколку десетици илјади. Од вкупниот број продадени аранжмани, најголемиот дел се со автобус, а најпродаваните пакети се за Солун, Истанбул, Белград и Будимпешта

Првите понуди за новогодишните аранжмани се веќе поставени на веб страниците на домашните туристички агенции, но каков ќе биде интересот ќе се знае за десеттина дена, велат тие за „Слободен печат“. Според ланските искуства, туристичките работници очекуваат дека најголем ќе биде интересот за градовите во соседството и регионот, но малку се попретпазливи за подалечните дестинации, кои не само што се драстично поскапи, туку и покомпликувани поради новиот начин на регистрација за влез во Шенген зоната. Сепак, ако сакате да славите далеку од дома, ќе ви треба поголем буџет, оти ексклузивните понуди почнуваат од неколку стотици па се до неколку илјади евра.

И покрај тоа што никој не води точна евиденција за тоа колку Македонци ја дочекуваат најлудата ноќ во странство, се оперира со бројка од неколку десетици илјади. Од вкупниот број продадени аранжмани, најголемиот дел се со автобус, додека само 10 до 15 од вкупниот број продадени аранжмани се поскапи, со авион. Најголем е интересот за европските градови, а најпродаваните пакети се за Будва, Солун, Истанбул, Белград и Будимпешта.

Значително олеснување за сите оние кои ќе заминат во некој европски град е што нема да трошите за новогодишна вечера, бидејќи таму се слави на плоштадите, а таква е ситуацијата и со аранжманите за Црна Гора или Хрватска, каде што локалните самоуправи ангажираат голем број регионални ѕвезди кои исто така настапуваат на отворено. На пример, оние што ќе патуваат за Будва, ќе се забавуваат со музичките настапи на Дино Мерлин, Владо Георгиев, Харис Џиновиќ и многу други. Ако пак, сакате во Грција, да се забавувате во некоја таверна, тоа е со факултативна организација, додека по желба на граѓаните кои ќе патуваат во Белград, може да се посети некој од бројните ресторани во Скадарлија, како и познатите дискотеки.

За Белград важи предупредувањето дека агенцијата го задржува правото за измена на редоследот на поедини содржини во програмата поради застој во сообраќајот, или локалните штрајкови. Можноста, пак, за индивидуална прослава на новогодишната ноќ, во некое од париските кабареа, може да биде само со претходно направена резервација, предупредуваат во агенциите.

– Непобитен факт е дека Скопјани сакаат да го избегнат сивилото кое низ годините е заштитен знак за новогодишните прослави, кои се набрзина организирани и сведени на забава со домашни забавувачи. Бидејќи последниве години во Скопје се штеди на погламурозен дочек и не се носат популарни естрадни ѕвезди, странските туристи не покажуваат речиси никаков интерес да не посетат во тие денови, иако главниот град според туристичките билтени е најпосетувана дестинација преку целата година – велат туристичките работници.

Соседството и регионот се секогаш најпродавани и тие аранжмани се продаваат многу брзо.

– Но, и покрај пристапната цена на аранжманот, има и такви што претпочитаат да патуваат порано или подоцна, а не за самата Нова година, најмногу поради фактот што повеќето автобуси тргнуваат во исто време, а има метеж на граничните премини. Сите поаѓања се или вечерта на 29 или на 30 декември. Зависи од должината на програмата. Иако почна новиот начин на регистрација во ЕУ, на дел од границите се уште се постапува селективно и само по неколку часови, така што не се знае со какви задржувања ќе се соочиме – велат туроператорите.

Традиционално први се трошат аранжманите за поблиските дестинации како Будва, Белград, Солун, Истанбул и Будимпешта. За некои од нив веќе се прават и првите резервации, како на пример за Белград, каде што може да славите за само 165 евра, додека цените на пример за два полни пансиони, две свечени вечери и 1 полупансион со автобуски превоз за Копаоник изнесуваат 260 евра.

Во поевтините варијанти за новогодишно патување влегуваат Солун (125 евра), Истанбул (199 евра), Будимпешта и Виена за 199 и 189 евра. Нешто поскапи се Милано (249) и Фиренца со 269 евра, или Карлови Вари -Дрезден – Виена (239 евра), Азурниот брег (279 евра) или Малта за 429 евра. Сите овие патувања се врз база на ноќевање со појадок, исполнета агенда со прошетки и задолжителен дочек на Новата година на тамошните плоштади, кои се традиционално украсени. Иако сме на крајот на октомври, некои од агенциите се пофалија дека веќе немаат места за новогодишните аранжмани за Париз, Барселона, Тенерифе, Мадрид или Рим, а тие тури чинат над 600 евра. Има и понуди за бугарскиот ски-центар Сандански со цени од над 700 евра. За 1.295 евра може да си направите и тура низ Андалузија, која вклучува 7 дена и 6 ноќевања. Меѓу поскапите годинава е и понудата за Дубаи која чини 1.190 евра во траење од 8 дена.

Бугарските агенции нудат дочек на Нова година во Охрид и Струга

Дел од бугарските туристички агенции нудат дочек на Нова Година во Охрид во хотел со 4 ѕвезвички за околу 280 евра, со вклучени две празнични вечери, без ограничување на пиењето и забава со жива музика. Има и поекслузивна понуда за пет ноќевања врз база на појадок и вечера, новогдоишна вечера и бесплатно користење на спа и велнес за 433 евра. Има и понуда за струшката ривиера по цена од 324 евра, која исто така вклучува и новогодишна вечера.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот