Некој купил куќа во Центар за 1,15 милиони евра, некој друг дал 30.000 за гаража во Аеродром
Во скопската општина Центар е постигната највисоката цена во Македонија за продажба на стан во првото полугодие од годинава, од 2.857 евра за квадратен метар, при што за 105 квадрати се платени 300 илјади евра. Во оваа скопска општина е и најскапо продадената куќа во тој период, за 1.150.000 евра, кои се исплатени за 373 квадратни метри станбена површина и 1.357 квадрати земјиште.
Препорачано
Според податоците од Регистарот за цени и закупнини за првата половина од годинава, кои денеска ги сподели Агенцијата за катастар на недвижности, најскапо продадениот деловен простор во тој период е во Центар – 3.131 квадратен метар по цена од 6.8 милиони евра.
Најскапиот индустриски објект бил во Илинден и за него се исплатени нешто над три милиони евра, додека најскапо продадената гаража е во Аеродром, каде некој за 24 квадрати платил над 30.000 евра, односно околу 1.250 евра за квадратен метар.
– Највисок скок на цените на продадените станови, споредено со истиот период од претходната година има во Охрид, 27 проценти, Центар, 22 проценти, Тетово, 22 проценти, Битола 20 проценти, а најмал скок има во Струмица 2 проценти – се вели во Извештајот од Регистарот за цени и закупнини.
Најмногу продажби на станови во првото шестмесечје од 2025 година, се наведува, има во Аеродром – 189, Чаир – 182, Центар – 181, Карпош – 179, а највисока вкупна вредност на остварена цена од продажба на станови постигната е во Центар 1.261.042 илјада денари, Аеродром 1.193.353 илјада денари, Карпош 1.064.588 илјада денари. Највисока просечна цена по квадратен метар е постигната во Центар, 101,9 илјада денари по квадратен метар, Карпош 90,9 илјада денари, Аеродром 82 илјада денари, Кисела Вода 79 илјада денари, Охрид 77 илјада денари по квадратен метар.
Движењето на цените помеѓу првото шестмесечје од оваа година, наспроти истиот период од претходната година укажува на пораст на бројот на продадени станови во Тетово за 60 проценти, и во Велес за 54 проценти и Охрид за 50 проценти, а најголем пад на бројот на продадени станови има во Куманово за 16 проценти.
Пазарот на недвижности во првото полугодие на 2025 година пораснал за речиси за 15,5 проценти споредбено со истиот период во 2024 година, односно вкупната остварена купопродажна цена изнесува 515,9 милиони евра.
Најмногу купопродажби во првото шестмесечје од 2025 година се направен во Аеродром – 562, Гази Баба – 555 и Карпош – 527 купопродажби, а најмалку во Бутел, 176 купопродажби. Највисока вкупна вредност на остварена цена од направените купопродажби за овој период постигната е во Центар, 65,8 милиони евра, Карпош, 56,7 милиони евра, Аеродром, 47,9 милиони евра, а најниска во Штип – десет милиони евра.


